Британски научници го проучуваат случајот на маж од Бристол кој успеа да се опорави откако беше позитивен на коронавирусот 290 дена.
Во тој период, тој бил тестиран 43 пати, всушност секоја недела. Научниците од Универзитетот во Бристол сега се обидуваат подобро да ги разберат начините со кои коронавирусот мутира во човечкото тело.
Седумдесет и двегодишниот Дејв, инструктор за возење и музичар, имал активна инфекција со ковид цели десет месеци и морал да оди во болница на лекување седум пати поради влошена здравствена состојба, објави Би-Би-Си.
Едно од можните објаснувања за толку долга инфекција е фактот дека неговиот имунолошки систем станал максимално ранлив затоа што претходно имал леукемија, поради што се лекувал со хемотерапија.
Дејв на крајот се излечи од коронавирусот со нова мешавина на антивирусни лекови обезбедена од американската компанија „Регенерон“.