Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел оцени дека настаните во односите меѓу Косово и Србија ги загрозуваат годините напорна работа и постигнатото во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина и ја комплицираат безбедносната ситуација во регионот и подалеку.
Европската унија, додаде Борел во изјавата објавена во саботата вечерта, на 5 ноември, ги повикува двете страни да се воздржат од какви било унилатерални дејства што би можеле да доведат до дополнителни тензии.
Борел додаде дека повлекувањето на косовските Срби од косовските институции не е решение за актуелните спорови и ги повика Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат обврските од дијалогот и да се вратат во косовските институции, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација.
Во исто време, ЕУ уште еднаш ги повикува косовските власти да ги почитуваат своите обврски без одлагање, што значи итно продолжување на процесот на пререгистрација на возилата и суспендирање на какви било казнени дејствија против сопствениците на табличките КМ, истакна Борел во писмената изјава.
ЕУ, исто така, го повикува Косово веднаш да започне чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини, додаде тој.
Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово одлучи да се формира Заедницата, рече Борел и наведе дека затоа тоа е законска обврска за Косово.
Борел додаде дека одговорност на двете страни е да обезбедат мир и стабилност.
„Секое дејствие, како палење автомобили или застрашувачка реторика што може да доведе до тензии се неприфатливи и ќе предизвикаат соодветен одговор од меѓународната заедница“, додаде тој.
Како што нагласи, ЕУЛЕКС е подготвен да обезбеди стабилност на Косово.
„ЕУ е подготвена да продолжи да им помага на преговорите, но двете страни треба да ја покажат својата волја да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат своите обврски преземени во дијалогот“, додаде тој.
Борел на Твитер објави дека во саботата вечерта, на 5 ноември, разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.