Брисел внимателно следи дали Србија ги исполнува барањата на ЕУ за смирување на тензиите на северот на Косово и доколку оцени дека Белград не ги почитува, е подготвен да размисли за воведување казнени мерки против властите во Србија, изјавил шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
„Преземени се мерки во врска со Косово. Станува збор за политички и финансиски мерки, меѓу кои се и суспензијата на посетите и настаните на високо ниво, освен дијалогот што го води ЕУ. Тие мерки имаат влијание и врз финансиската поддршка за Косово. Суспензијата е привремена и реверзибилна и ќе биде укината штом има деескалација на теренот. Во исто време, внимателно следиме дали Србија ги исполнува барањата на ЕУ и во случај на непочитување, ЕУ е подготвена да разгледа мерки“, рекол Борел, пренесува „N1“.
Како одговор на пратеничко прашање поставено уште во јуни, по конфликтот пред општинските згради на северот на Косово, тој повторил дека „деескалација мора да се случи сега, од двете страни“ и дека насилните дејствија како оние во мај 29 се „целосно неприфатливи и не можат да се повторат во иднина“.
Во дописот се потсетува дека Борел на 3 јуни во име на ЕУ ги повика Косово и Србија да преземат итни и безусловни мерки за смирување на ситуацијата на северот на Косово, за да се создадат услови за вонредни избори во сите четири општините на северот на Косово, со безусловно учество на косовските Срби, да се однесуваат одговорно и веднаш да го спроведат Договорот за патот кон нормализирање на односите и неговиот анекс, кој вклучува, без никакво натамошно одлагање или предуслови, почеток на работата на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.
Како што се додава, ЕУ ја повика и Србија да го намали статусот на подготвеност на вооружените сили.