Го осудувам нападот во Охрид, исто како што го направија тоа и властите во Скопје, изјавил денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој во Брисел го прими министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претставник на преодното претседателство со ОБСЕ.
-Уверен сум дека одговорните (за нападот на Христијан Пендиков) ќе бидат изведени пред лицето на правдата, додал тој.
-Во исто време слушаме неприфатливи изјави на некои националистички политичари, кои влеваат омраза и поттикнуваат насилство. Ова може само да ги продлабочи тензиите и не придонесува за духот на добрососедството, истакнал Борел.
Тој посочил дека го радува фактот што напредува процесот на приклучување на Македонија во ЕУ.
-Затоа, секогаш сум загрижен кога ќе се појават непотребни тешкотии. Во последно време бележиме зголемување на тензиите меѓу РСМ и Бугарија со неприфатливи инциденти и провокации. Силно го осудувам секој повик за насилство. Работењето заедно за создавање дух на дијалог и меѓусебно почитување е од суштинско значење, ова е европскиот начин, така се изградена ЕУ, резимирал Борел.