Борел со предупредување до ЕУ: „Бидете подготвени за долгорочен конфликт против Москва“

од Stefanija Kuzmanovska

Европската Унија може да биде неповратно оштетена доколку Русија победи во Украина, а трагедијата во Појасот Газа ќе продолжи, изјави шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел.

Тој додаде дека ги предупредил членките на Европската унија дека Русија е стратешка закана за Европа и да бидат подготвени за „долгорочен конфликт со висок интензитет против Москва“. Истакна дека Европа е во опасност.

„Ако дозволиме рускиот претседател Владимир Путин да победи во Украина и ако дозволиме да продолжи сегашната трагедија во Газа, европскиот проект може да биде неповратно оштетен. Да ги засукаме ракавите за да го избегнеме тоа“, напиша тој на социјалната мрежа Х.

Русија – стратешка закана за Европа
Борел во говорот на форумот Sommet Grand Continent се пожалил дека не сите членки на ЕУ ја гледаат Русија како стратешка закана, и покрај неговите напори да ги убеди во тоа.

Според него, тој се обидува да ги убеди таквите земји дека „победата на Русија би претставувала исклучително сериозна опасност за ЕУ“ и ги повикал да бидат подготвени за „долгорочен конфликт со висок интензитет против Русија“.

Шефот на европската дипломатија, дополнително, призна дека ЕУ како целина ѝ пружила многу повеќе помош на Украина отколку Соединетите Американски Држави, иако сега е под знак прашалник дали таквата помош ќе продолжи.

„Дали единството на ЕУ ќе продолжи по ова прашање, дали САД ќе продолжат да помагаат под новиот претседател и пред неговиот избор… овие прашања мора да се одговорат. Ние во Европа мораме да одговориме и, според мене, треба активно да застанеме на страната на Украина, треба да направиме повеќе и побрзо, бидејќи Русија претставува стратешка закана за ЕУ “, порача Борел.

Тој исто така призна дека во својата потрага да се ослободи од „енергетската зависност од Русија“, ЕУ замени една зависност со друга и плати економска цена за тоа.

Слични содржини