Борел: Труењето на Навални не смее да остане нерешено

од Vladimir Zorba
167 прегледи

Европската унија (ЕУ) најостро го осудува труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави денеска европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел, изјавувајќи дека случајот со Навални не смее да остане нерешен.

Борел во изјавата вели дека токсиколошката анализа, спроведена од специјализирана лабораторија на германските вооружени сили, докажува дека Навални бил отруен од воен хемиски нервен агенс на групата „Новичок“, развиен од Советскиот Сојуз, а подоцна и од Русија.

– Употребата на хемиско оружје во какви било околности е целосно неприфатливо и претставува кршење на меѓународното право – нагласи Борел.

Тој ја повика руската влада темелно и транспарентно да го испита нападот врз Навални.

– Случајот со Навални не смее да остане нерешен. Одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата – рече Бореj.

Тој изјави дека ЕУ внимателно ќе го следи прашањето и ќе разговара за нејзините импликации.

Борел му посака на Навални брзо и целосно закрепнување.

Слични содржини