Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жосеп Борел денеска оцени дека вечерашниот руски напад врз Украина е „уште еден кукавички напад“.
„Во текот на ноќта, Русија изврши еден од најголемите напади од почетокот на нејзината инвазија на Украина, врз градовите и населението. Тоа беше уште едно кукавичко и неселективно таргетирање училишта, метро станици и болници, што резултираше со смрт на најмалку 16 луѓе како и одреден број повредени. Европската унија цврсто стои зад Украина, онолку долго колку што е потребно“, сподели Борел на платформата Х (поранешен Твитер).
Хуманитарната координаторка на ОН за Украина, Дениз Браун, даде изјава во која најостро го осуди „подмолниот бран руски напади врз населените области во Украина рано утринава“, кои оставија уништување, смрт и човечко страдање, според „Гардијан“.