Борел: Во дијалогот меѓу Белград и Приштина, ЕУ е главна

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел потенцира дека ЕУ е главниот посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека соработува со Соединетите држави и ја дели истата агенда на Западен Балкан.


Во писмениот одговор на прашањето на европратеникот за губење на водечката улога на ЕУ во дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и отстапување на тоа место на САД, Борел забележува дека ЕУ го истакнала својот ангажман во дијалогот и регионот со назначување на специјалниот претставник Мирослав Лајчак.

Кога станува збор за договорите од областа на воздушниот и железничкиот сообраќај, што Белград и Приштина ги прифатија во принцип со посредство на САД, Борел потенцира дека ЕУ ги поддржува сите мерки и активности што придонесуваат за олеснување на движењето и комуникацијата меѓу луѓето.

– Ова е еден од начините што доведува до нормализирање на односите и подобрување на регионалната соработка. На Србија и на Косово им требаат повеќе од овие чекори, повеќе договори, поголема нормализација – се наведува во писмениот одговор Борел.

Шефот на дипломатијата на ЕУ додава дека Брисел ја поздравува одлуката на властите во Приштина да ги укинат даноците за стоките од Србија и БиХ.

– Ова е позитивна одлука за регионална соработка, што може да придонесе за обновување на разговорите за дијалог – заклучува Борел.

Слични содржини