Ал Џезира Балкан – Сараево
Иако Босна и Херцеговина во медиумите често беше прикажувана како небезбедна земја, својата определеност за мир ја покажа и се уште ја докажува со учество во мировните мисии на Обединетите нации.
Босанските полицајци од 2000 година до денес активно придонесуваат за афирмација на државата и ја промовираат идејата за мир во светот.

Мирсад Смајиќ е вработен во Секторот за крим полиција во Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон, кој учествувал во неколку мировни мисии. Првпат се пријавил во 1999 година за учество во мировна мисија во Источен Тимор, во тоа време како единствен припадник на МВР на УСК.
„Истата таа година поминавме тестирање и селекција која ја извршија тогашните меѓународни полициски структури на ИПТФ. Во Источен Тимор отидов дури по две години, значи во 2002 година, а таму останав година и пол. По враќањето во БиХ продолжив да ја вршам полициската дејност, а повторно во 2004 година бев упатен во мировната мисија УНМИЛ во Либерија, каде останав две години. Во 2007 година повторно бев испратен во Либерија, каде останав во Монровија, главен град на Либерија, на место член на тим за обука и тестирање при мисијата на ОН. Мојата последна мисија беше во Јужен Судан, каде отидов во 2011 година и тука останав до 2013 година. За тоа време бев распореден во централниот дел на Јужен Судан како лидер на тим, а подоцна и заменик шеф на централниот регион” – вели Смајиќ. Заим Прошиќ е полицаец од Унско-санскиот кантон кој учествувал во мировната мисија на Кипар. Тоа му е вели прво искуство во меѓународните операции за поддршка на мирот. „Името на мисијата е UNFICYP а постои уште од 1964 година со измени на мандатот на мировните сили во текот на изминатите 50 години. Единствена константа која не се менуваше во оваа мировна операција е одржување на статус кво кој е клучен дел од мировниот договор меѓу Грција, Турција и Република Кипар од 1974 година” – вели Прошиќ.
Обука на други
Иако мировните мисии се добро платени, истакнуваат дека тоа не е единствена причина за да се пријават. „Причината за мојата пријава на почетокот беше од финансиска природа. Меѓутоа, како што поминуваше времето во меѓународното искуство, широкиот спектар на луѓето од сите земји од светот, искуството од работата во меѓународните организации, потоа стекнувањето на нови знаења, а исто така и усовршување на јазикот, подоцна сето тоа преовладуваше. Токму ова што го наведов во 2009 година ме одведе во Шведска, каде како инструктор учествував во едномесечен тренинг на норвешки и шведски полицајци за мировните мисии на НАТО во центарот на Стокхолм” – вели Смајиќ.
За полицаецот Заим Прошиќ, овие мисии претставуваат големо искуство, што подоцна му беше од корист во полициската работа.
„Учествувајќи во мировните мисии, имав можност да се запознаам и работам со полицајци, војници и цивилни лица во ОН, од над 50 земји. Различните ставови, погледите на одредени проблеми во работата и различните решенија се најважното што го донесов со себе и го применував во идната работа во полицијата на УСК. Со својот професионален ангажман и односот кон работата на најдобар начин ја претставував нашата земја и бх. Полицијата, па така на најдобар начин го зголемував не само угледот на полициските агенции од БиХ, туку и на самата држава Босна и Херцеговина” – истакнува Прошиќ.
Порака за мир
Кога е во прашање тероризмот и Босна и Херцеговина, овие мисии се доказ дека БиХ не е определена за терор туку за мир, велат нашите соговорници. Прошиќ смета дека за делумно лошиот имиџ на Босна и Херцеговина, најмногу се одговорни медиумите кои на светот испраќаат лоша слика. „Лошиот имиџ на Босна и Херцеговина, прво го изградија медиумите од соседството, но за жал и многу домашни медиуми кои реално треба да бидат повеќе наклонети кон чување на угледот на својата земја. За жал, некои водени од незнаење, а некои и од злобни намери, ширеа дезинформации за бројот на злосторствата извршени од страна на бх. државјани во Сирија и Ирак, со цел на дневнополитички потреби. Босна и Херцеговина јасно и недвосмислено е определена за борба против тероризмот, што го покажува со секојдневната рабогта на полициските агенции во БиХ и меѓународната соработка со Интерпол, Еуропол, ФБИ и други меѓународни агенции” – вели Прошиќ. За Смајиќ овие мисии претставуваат голем чекор за БиХ, бидејќи и се отвараат бројни можности, а што е најважно, се праќа јасна порака за мир токму од БиХ.
„Самиот почеток на бх полицајците беше голем исчекор за БиХ во меѓународен поглед, а и обврска на БиХ како членка на ОН. Денес во БиХ егзистира и центар за обука за мировни мисии за полициски службеници и воени лица и успешен е во таа обука. Во центарот минимално еднаш годишно се организираат тренинзи и селекција на потенцијални учесници на мировни мисии во светот” – истакнува Смајиќ.
Ризични состојби
Многу бх. полицајци во мировните мисии и самите ја искусиле суровоста на работата, па често некои настани во земјите во кои престојуваат ги потсетуваат на она низ што поминале, поради што сочувствуваат со загрозените несреќни луѓе.
„Што се однесува до искуството кое на мене го остави мисијата на Кипар, не сум сигурен дека можам нешто да издвојам, бидејќи по првиот јазичен и културолошки шок многу брзо се поистоветив со граѓаните на Кипар, кои низ историјата доживеале слична судбина на нашата земја. На крај сепак можам да истакнам дека се поистоветив со локалното население кога бев во конвој за хуманитарна помош во мала грчка енклава окупирана од страна на Кипар. Тој настан ме потсети на нашата состојба пред 20 години, кога старци, жени и деца стоеја во редици за малку брашно или хигиенски производи” – вели Прошиќ.
Иако многу мисии се од типот на мониторинг мисии, сепак имаше и ризични состојби. Полицајците во тие видови на мировни мисии главно носат полициска униформа и користат полициски возила, но немаат полициско овластување, што само по себе е ризик, посебно бидејќи локалното население не верува во локалната полиција, па за помош се обраќа повеќе на мировниците. „Имаше секакви ситуации, како тие во кои пукаа на нас, не запираа на транзитни патишта, потоа евакуации, прекин на комуникации, недостиг на храна и вода и слично. Сето тоа, така да кажам, е секојдневие во овие мисии. Меѓутоа, самата помисла на семејството помага во надминување на сите тешкотии и фактот дека откако ќе ја завршиш мисијата се враќаш дома, те држи да останеш позитивен” – вели Смајиќ.