Божиновска за „Локално“: Точно е дека ЛНГ е поскап, но затоа работиме на диверзификација

-Точно е дека цената на ЛНГ на светските берзи во одредени периоди може да биде повисока, но токму затоа работиме на диверзификација – затоа што повеќе извори значат поголема стабилност, а не зависност од една цена. Конкуренцијата меѓу добавувачите е таа што долгорочно обезбедува поповолни услови, изјави Божиновска

од Vladimir Zorba
44 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Стратешкиот договор со САД за набавка на природен течен гас, според министерката  за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, за граѓаните значи сигурност во снабдувањето и намален ризик од енергетска неизвесност и понизок ризик од ценовни шокови. Таа на прашање на „Локално“ под кои услови и како ќе се носи гасот од САД во Македонија, одговори дека сега не може да зборува за тоа, бидејќи со САД сега е потпишан само меморандум, а сите услови дополнително треба да се договорат.

-Во овој момент не може да се говори за конкретна цена, ниту за зголемување, затоа што станува збор за меморандум за соработка кој ја поставува основата за идни договори. Цените, количините и условите ќе се дефинираат дополнително, по обезбедување на целосната инфраструктурна поврзаност, изјави Божиновска за „Локално“.

Таа објаснува дека Македонија е прва земја со вакво стратешко енергетско партнерство со Соединетите Американски Држави во рамки на актуелната администрација и дека само по себе значи поголема доверба, пристап до нови инвестиции и подобра позиција во регионалните енергетски текови.

-Ова не е договор за цена – ова е договор за поголема сигурност, повеќе избор и посилна позиција на државата на енергетската мапа. За граѓаните, ова значи конкретни и долгорочни придобивки: сигурност во снабдувањето и намален ризик од прекини, енергетска независност, понизок ризик од ценовни шокови преку диверзификација на изворите, поголема преговарачка моќ на државата и отворање на нови економски можности за бизнисот, изјави Божиновска.

На прашањето дали по договорот со САД цената на природниот гас ќе се зголеми, бидејќи тој за 20 проценти е поскап на светските берзи, министерката за енергетика одговори дека повеќе извори на енергенси значат поголема стабилност.

-Точно е дека цената на ЛНГ на светските берзи во одредени периоди може да биде повисока, но токму затоа работиме на диверзификација – затоа што повеќе извори значат поголема стабилност, а не зависност од една цена. Конкуренцијата меѓу добавувачите е таа што долгорочно обезбедува поповолни услови, изјави Божиновска и додава дека одлука за стратешко позиционирање за подобри услови во иднина.

Објаснува дека увозот на гас ќе оди преку терминалот во Грција, преку цевководот кој се уште се гради.

-Во однос на увозот на ЛНГ, моделот е регионален – гасот ќе пристигнува преку терминали во Грција и ќе се транспортира преку интерконекторот што го градиме. Истовремено, со изградбата на интерконекторот со Србија, Македонија ќе се позиционира и како транзитна земја, што носи дополнителна стратешка важност и економски бенефити, изјави Божиновска.

Според неа диверзификацијата повеќе не е избор, туку неопходност и дека глобалните случувања јасно покажале дека земјите со повеќе опции се поотпорни.

– Ова е во линија и со европската стратегија REPowerEU, која има за цел до 2027 година целосно да се елиминира зависноста од руски фосилни горива, изјави Божиновска.

Е.Б.

Слични содржини