ХРВАТСКИОТ ракометар и член на РК Бутел, Денис Тот почина на 28-годишна возраст поради последици од срцев удар. Денес беа објавени разни информации за причината за смртта, но на социјалните мрежи се огласи и Борис Тот, братот на Денис.
-Им благодарам на господата новинари за „професионално“ извршената работа. Може само да ви биде срам поради пласирањето на дезинформации во јавноста и ширењето на лаги заради собирање на кликови. Денис почина од срцев удар, а не од било какви телесни повреди, тепачка и останати глупости кои во текот на целиот ден се пишуваа… Срамота е на туѓата несреќа да градите публицитет, објави Борис Тот.
За потсетување Министерството за внатрешни работи потврди дека Тот бил донесен во болница во критична состојба, но немало траги на насилство на неговото тело.
Во текот на денот од Тот се простија и неколку македонски клубови, меѓу кои и РК Бутел, каде што настапуваше.
Toт во кариерата настапувал и за Адемар Леон, хрватските Бјеловар, Ѓаково, австриски Брук и Пореч.