Бразилски експерти ги предупредија жените: ОДЛОЖЕТЕ ЈА БРЕМЕНОСТА ПОРАДИ КОРОНАТА

од Stefanija Kuzmanovska
340 прегледи

Медицинските официјални лица во Бразил ги предупредија жените да ја одложат бременоста се додека не помине најтешкиот бран на пандемијата на коронавирус, бидејќи тие веруваат дека варијантата на вирусот на чиј удар е таа јужноамериканска земја влијае на идните мајки многу повеќе од основната варијанта на коронавирусот, пишува „Гардијан“.

Оваа препорака доаѓа во време кога Бразил сè уште е еден од глобалните епицентри на пандемијата на коронавирусот.

– Ако е можно, одложете ја бременоста за подобри времиња – рече официјалното лице од Министерството за здравство на Бразил, Рафаел Паренте, на прес-конференцијата во петокот.

Тој објасни дека препораката е издадена поради оптоварувањето на здравствениот систем, но и затоа што клиничките искуства на специјалистите покажуваат дека бразилската варијанта на коронавирусот, позната како П1, делува поагресивно кај бремени жени.

Во Бразил, болниците се преоптоварени, а залихите на лекови потребни за интубирање на пациенти со тешка клиничка слика алармантно опаѓаат.

Варијанта на коронавирусот П1, прва откриена во градот Манаус во Амазон, брзо стана доминантна во Бразил. Се верува дека тоа е главната причина за големиот број на заразени и мртви луѓе во таа земја. Бразил е на второ место во светот по бројот на смртни случаи од коронавирус, по САД.

Во таа земја, коронавирусот се повеќе ги погодува помладите луѓе, а податоците од болниците покажуваат дека во март, повеќе од половина од сите пациенти на интензивна нега биле на возраст од 40 години или помлади.

Слични содржини