Брисел со нови мерки: ЕК ќе побара од земјите на ЕУ да го намалат греењето и ладењето?

од Stefanija Kuzmanovska

Се очекува Европската комисија следната недела да побара од земјите на ЕУ да го намалат греењето и ладењето на јавните згради и канцеларии со цел да се намали вкупната побарувачка за гас, се вели во документот во кој имал увид АФП.

Снабдувањето со руски гас би можело целосно да биде прекинато, а Брисел во своите симулации смета на фактот дека оваа зима Путин би можел да го користи гасот како воено оружје. Се очекува Комисијата да ги охрабри владите на 27 земји да постават ограничувања за количеството гас што го користат јавните згради, канцелариите, различните комерцијални објекти, вклучително и терасите на отворено.

За оптимално искористување на изворите на енергија, тие ќе препорачаат правила кои бараат јавните згради да се загреваат до максимум 19 степени Целзиусови или да се ладат со климатизери поставени на температура не помала од 25 степени.

Во документот на Комисијата меѓу другото се вели: „Она што го заштедиме во лето, можеме да го искористиме во зима“.

Енергетските експерти велат дека намалувањето на термостатот за еден степен може да ја намали сметката за греење на зградата за околу 10 отсто. Заклучуваат и дека клима уредите и онака не успеваат да ја изладат просторијата доколку не се „подесени“ под 20 степени.

Препораката е дел од серијата мерки што Брисел ги истражува за намалување на потрошувачката на гас во ЕУ.

„Имаме простор за една третина да го намалиме можното влијание предизвикано од прекинот на снабдувањето“, се вели во документот, кој треба да биде објавен на 20 јули, а во меѓувреме може да се промени.

Тие пресметуваат дека 11 милијарди кубни метри гас може директно да се заштедат со намалување на прекумерното греење и ладење. Уште 10-11 милијарди би можеле да се „заштедат“ со намалување на употребата во различни индустрии, кои и онака веќе го забавија производството поради скоковите на цените.

Документот дополнително ги повикува владите на ЕУ да воведат обврзувачки ограничувања за греење и ладење онаму каде што е „технички изводливо“.

Комисијата наведува и дека за време на „гасната зима“ – од октомври до март – „може да се постигне голема заштеда со воведување алтернативни извори на топлина“, како и кампањи за заштеда на енергија кои би ги повикале граѓаните да го намалат греењето на еден степен Целзиусов оваа зима.

Слични содржини