Нема доволно докази дека суплементите на витаминот Д ги штитат луѓето од Ковид-19, велат британски експерти, кои продолжуваат да советуваат да се зголеми внесувањето на овој витамин во текот на зимата, бидејќи има корисен ефект врз здравјето на коските и мускулите.
Ова го порача научната комисија составена од експерти од Националниот институт за здравствена извонредност и нега, Јавното здравство на Англија и Научниот советодавен одбор за исхрана, наведувајќи дека се потребни повеќе истражувања за ваквото тврдење, пишува Би-Би-Си.
Здравствените власти извршија брза ревизија на доказите за врските помеѓу витаминот Д и Ковид-19, откако мал број студии сугерираа дека тој може да игра важна улога во имунолошкиот одговор на организмот кон респираторни вируси.
Меѓутоа, тие открија дека има „недоволно докази“ за да го препорачаат за превенција или лекување на болеста.
Тие велат дека земањето витамин Д е особено важно оваа зима поради времето што луѓето го поминуваат во затворен простор изолирајќи се и штитејќи се од коронавирусот.
Ова значи дека не може да се произведе доволно витамин Д од сончева светлина – што е клучен извор за човечкото тело.
Витамин Д може да се добие и од одредена храна, како што се мрсна риба и житарици, како и додатоци.
Некои луѓе немаат доволно витамин Д дури и во пролет и лето, вклучително и оние со темна кожа (како што се луѓе со африканско, африканско-карипско или јужноазиско потекло), луѓе во домови за стари лица и оние кои не излегуваат често или покриваат поголем дел од кожата кога се на отворено
На луѓето од овие групи им се препорачува да земаат додаток на витамин Д во текот на целата година.
– Оваа година, советот е поважен од кога било, бидејќи многу луѓе поминуваат повеќе време внатре – велат британски експерти.