Британскиот принц Ендрју негира каква било врска со жртва на Епстајн

од Aleksandar Petrovski
302 прегледи

Британскиот принц Ендрју првпат во интервју за Би-Би-Си, одговори на прашања во врска со врските со осудениот педофил Џефри Епстајн, во кои призна дека било грешка што престојувал во неговата куќа.

Во едно од ретките интервјуа синоќа, принцот Ендрју категорично ги отфрли обвинувањата дека имал сексуални односи со Американката Вирџинија Робертс, која го обвини за сексуална злоупотреба во време кога била малолетна. Таа тврди дека тоа се случило трипати во 2001 и 2002 година кога имала 17 години – во Лондон, Њујорк и на приватниот остров на Епстајн во американските Девствени Острови.

-Тоа не се случи. Јас категорично можам да ви кажам дека такво нешто не се случило, изјави принцот Ендрју, истакнувајќи дека не се сеќава дали некогаш ја сретнал неа.

Принцот Ендрју со месеци е под притисок поради врските со Епстајн, 66-годишен американски финансиер, кој, откако беше обвинет за сексуално злоставување малолетни лица, се самоуби во август во затвор во Њујорк.

Во 2010 година, принцот Ендрју, третото дете на кралицата Елизабета Втора, беше фотографиран како шета со Епстајн во њујоршки парк, две години откако финансиерот беше осуден за подведување малолетничка.

Слични содржини