Британските пари ќе ја раздвижат економијата, само ако не се инвестираат во погрешни проекти

од Vladimir Zorba
652 прегледи

Во македонската економија ќе влезат нови 6 милијарди евра кредити од Велика Британија кој ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти. Економските аналитичари сметаат дека е добро економијата да се развива па макар и со позајмени пари, но засега се уште не се знае под кој услови ќе го добиеме британскиот кредит и за што точно ќе се потрошат овие пари. Според нив, британските пари ќе ја раздвижат економијата, само ако не се инвестираат во погрешни проекти.

Економскиот експерт Синиша Наумовски за „Локално“ вели дека внесувањето на евтини пари во македонската економија е добро, но ако тие пари се користат за оперативни цели.

Синиша Наумовски

Синиша Наумовски

-Ваквата нова пракса на внесување на ликвидност во економијата, а базирана по принципот на „билатерален договор, директно држава со држава“ е добра. Имено, секој обид за внес на евтини пари во македонската економија треба да се поздрави, ако се има во предвид дека ќе се корисити за оперативни цели, поточно капитални инвестиции и развој на домашното стопанство. За да може македонската економија да расте со повисоки стапки треба да се вбризгува нова, свежа и голема количина ликвидност. Но, тоа не е доволно за стратегијата за брз раст. Наредните фази мораат да направат „супер синергија“ помеѓу мерките на фискална и монетрана економија. Токму таква синергија може да се очекува преку начини на засилена комуникација и координација меѓу двете политики. Ова, особено е важно за олеснување на условите за стекнување на поголема ликвидност на стопанството, а со тоа и зголемување на поволностите за граѓаните, како и брза мобилизација на капацитетите на државата да се реализираат заостанатите, тековните и многу нови капитални проекти, вели Наумовски.

Според него, потребно е да бидеме внимателни набљудувачи во делот на реализацијата, односно овие пари да се искористат за капитални проекти кои носат полза за македонските фирми и за граѓаните.

Првиот проект која ќе се реализира со британскиот заем е реконструкција, модернизација и изградба на Коридорот 10. Наумовски смета дека Коридорот 10 е ставен како приоритет затоа што поврзувањето на Србија со Грција, преку Македонија со пруга, има стратешка важност и е добро за економиите на сите три земји.

-Ако Македонија нема такви конекции, може да се случи да остане отсечена од глобалните текови. Во таа насока е и оваа инфраструктурна офанзива што ја презема Македонија, почнувајќи од комплетирање на коридорот 10 со брза железница, а потоа и изградба на железницата кон Бугарија, која сега е дополнета со пуштањето на експресниот пат кон Деве Баир. Македонија треба да работи и на други коридори што водат кон Грција, Бугарија, Косово, Албанија…, ако сака добра поврзаност со соседните земји. Инаки, нема да може да се етаблира како важен сврзник во овој дел на Европа, појаснува Наумовски и додава дека Коридор 8 е ставен настрана бидејќи ЕУ има изгубено интерес да биде во преден план.

Универзитетскиот професор и економски аналитичар Зоран Ивановски смета дека стратешко партнерство со Британија може да биде силен импулс за раст и развој на македонската економија. економија

Зоран Ивановски

Зоран Ивановски

-Договорот за задолжување не можам да го коментирам затоа што не сум запознат со деталите. Меѓутоа стратешко партнерство со Британија може да биде силен импулс за раст и развој на националната економија. Секако, на државата и требаат средства за финансирање на крупните капитални проекти, но мора да се следи и фискалната одржливост. Потребно е Министерството за финансии да направи сценарио, анализа и симулација за да се оценат фискалните ефекти на новите задолжувања и влијанието на јавниот долг, изјави за „Локално“ Ивановски.

Економските експерти се согласни дека парите треба правилно да се искористат за развој на економијата, но сметаат дека треба точно да се знае како ќе се враќаат овие пари, односно под кои услови и со колкава каматна стапка.

Б.С.

Слични содржини