Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека локалните избори ќе се одржат на ист ден со изборите во Белград.
„Решивме да го прифатиме барањето, во консултација со претседателот, на опозицијата околу СПН и коалицијата НАДА и да ги распишеме сите тие избори кои беа закажани за јули и август“, рече таа.
„За тоа ќе биде потребна измена на законот за локални избори во член 35. И важно е тоа да го направиме што поскоро, затоа моето барање до службите и до сите пратенички групи е да го завршат попладнево“, изјави таа.
Таа очекува, како што рече, предлогот за измена на законот за локални избори да го потпишат досега најголем број пратеници.
„Да одиме заедно со тој предлог и да го покажеме тоа единство во тешки моменти за Република Србија, за нашиот народ и за сите наши граѓани. После тоа, бидејќи законот треба да биде 24 часа во Собрание, во сабота ќе бидеме на пленум и се надевам, со оглед на тоа што нема потреба од претерана дискусија за ова, бидејќи за ова разговараме 17 дена, дека ќе го донесеме во сабота овој закон и потоа ќе ги распишеме сите локални избори во недела и ќе завршиме со таа приказна“, изјави таа.
Таа рече дека во консултациите со претседателот Вучиќ неговата порака била дека во овој момент најважна работа за државата е стабилноста. Таа изјави и дека е потребна уште малку политичка кохезија и дека сите треба да престанеме да се делиме, бидејќи за националните прашања се потребни време и енергија.
Оцени дека изминатите 17 дена биле исцелителни разговори, им се заблагодари на сите што учествувале, наведувајќи дека ова е начин да се достигне таа стабилност и да се покаже дека сме сериозни и одговорни луѓе пред сите наши граѓани.
„Верувам дека ќе има многу кои ќе кажат дека добиле се што побарале, дека победиле, дека реагираме само на притисоци“, рече таа и додаде дека Србија ја чекаат многу предизвици.
Да потсетиме, парламентарните партии од владејачкото мнозинство и опозицијата вчера во Собранието на Србија ја одржаа четвртата средба за изборните услови и препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР).