Буџетот не дозволува повеќе од две покачувања во годината, велат од МЗ за протестите на медицинарите

од Nikola Popovski

Министерството за здравство порача дека годинава двапати веќе се покачуваат платите на здравствените работници. Како што истакнуваат, платите веќе се покачиле за 2000, 2500 и 3000 за три различни групи здравствени работниици, а на 9 октомври имало ново покачување од 10 проценти, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината.

Од МЗ посочуваат дека покачувањето е значајно и министерот Фатмир Меџити од преземањето на функцијата силно се залага за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат меѓудругото и на оваа заложба.

-Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе од две покачувања во годината. Министерството веќе одржа повеќе состаноци со синдикатите каде беше разговарано на оваа тема при што детално има беше образложен пристапот на Владата и Министерството за здравство во однос на покачувањата, се наведува во реакцијата од Министерството за здравство за денешните протести.

Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал денеска во Скопје и неколку градови од внатрешностаорганизираше протест на членството во знак на незадоволство од висината на платите.

Тие бараат покачување на платите за 30 отсто, четири проценти инфективен додаток, бенефициран стаж за целото здравство, како и промена на колективниот договор, бидејќи како што го кажа претседателот на Независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски, во постоечкиот колективен договор има доста неправилности кои треба да се изменат.

За следниот чекор Синдикатот ќе се расправа дополнително, вели Костовски, но можна е радикализација на протестите.

Слични содржини