Бугарски аналитичари по нападот на Пендиков: Националистите во двете земји сакаат да го попречат развојот на односите

од Nikola Popovski

Министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија вчера ја посетија болницата во која се лекува државјанинот на Северна Македонија од бугарска националност, кој беше нападнат и се наоѓа во тешка состојба. Секретарот на Бугарскиот културен центар во Охрид, Христијан Пендиков, беше пренесен во Софија со авион на бугарската влада. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, рече дека нашата земја „ќе направи се за да обезбеди нулта толеранција за насилство како одговор на сите проблеми, особено меѓуетничките“. Тој додаде дека владата нема да дозволи никој да ја навредува и повредува бугарската заедница и нагласи дека мора да се прекине циклусот на провокации и насилство од двете страни.

Mилен Желев

Дел од бугарската јавност го осудува ваквиот инцидент, но и порачуваат дека „повеќето Бугари ја сакаат Македонија како сопственото срце“. Бугарскиот политиколог и докторант по политички науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Милен Желев во разговор за „Локално“ вели дека насилството врз Пендиков не е изолиран инцидент.

-Едноставно му се дава поголем публицитет поради тешките повреди на жртвата, чие претепување се граничи со обид за убиство. За жал, грдиот инцидент е симптоматичен за односите меѓу двете земји и сигурно нема да биде последен, вели тој во разговорот.

Според него, тоа што се случи е директна последица на комеморацијата на Мара Бунева во Скопје на 14 јануари годинава, каде покрај традиционалнте националисти од Бугарија, имаше присуство и на граѓани на Северна Македонија со бугарска самосвест.

-На овогодинешното чествување на Мара Бунева имаше и знамиња на здружението „Цар Борис Трети – Охрид“, чиј секретар е всушност претепаниот Пендиков. Овој приказ веројатно ги изнервира насилниците, бидејќи стана јасно дека главниот виновник е член на ВМРО-ДПМНЕ. Во октомври, лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, самото име на културниот клуб го дефинираше како „несомнен обид за провокација“, што кај нас е тешко сфатливо, рече Желев и додава:

-Знајте дека повеќето Бугари ја сакаат Македонија како свое срце, без разлика дали е дел од Отоманската империја, Титова Југославија или Европската Унија. Се надевам дека оваа љубов ќе биде основа на идните односи меѓу двете земји.

Toј ја поздравува посетата на Османи на нападнатиот Пендиков.

-Брзото идентификување и фаќање на криминалците е позитивен знак од Скопје. Со него се оддава чест и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој ја посети Софија и лично се сретна со повредениот Пендиков. Сигурен сум дека овие гестови на добра волја не останаа незабележани од родните политичари и дипломати. Веројатно бугарската држава би постапила на ист начин во реципрочен инцидент, но засега не сум запознаен со таков случај, истакнува Желев.

Парадоксално, вели тој, дека пречка за можното прифаќање на Северна Македонија во Европската Унија се националистите од двете страни.

-Уште потешко е да се објасни дека крвните непријатели имаат исто име: ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-БНД. Очигледно организацијата на тоа име била привлечена од братоубиствени војни и во минатото и во иднината. Сепак, тоа не треба да влијае на глобалниот процес на европска интеграција на Западен Балкан и особено на Северна Македонија, која има многу помалку проблеми од другите земји во регионот. Според мене, за Скопје нема враќање назад, особено што стана членка на НАТО, потенцира политикологот.

Тој укажува дека многу Бугари ја поддржуваат навидум патриотската позиција на ВМРО-БНД, но барем засега големите партии кај нив одржуваат здрав разум и доследна политика по ова прашање.

-Можеме да зборуваме дури и за неискажан консензус меѓу навидум непријателските политички формации, што сметам дека е точно. Затоа мислам дека, без оглед на парламентарните избори во март, Бугарија нема да ги запре преговорите на Северна Македонија со Брисел и тоа е добро за сите, ни рече Желев.

Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“

Лазарин Лазаров од Бугарската академија на науките и член на Клубот за академски реформи во разговор за „Локално“ вели дека не очекува инцидентот да се повтори затоа што ваквите инциденти (поврзани со насилство) се покажаа како контрапродуктивни – го влошуваат имиџот на С. Македонија.

-Нов ваков напад не може да не се одрази на односите меѓу Скопје и Софија. Националистите во двете земји очигледно сакаат да го попречат развојот на односите, порачува Лазаров.

Според него, протестите во Бугарија во однос на овој инцидент нема да сменат многу.

-Барањето на националистите од ВМРО-БНД нема да има ефект за прекин на преговорите со Европската Унија. Сепак, се чини дека се поддржува бугарската позиција, ни укажа академикот.

Во однос на изјавата на Османи дека повеќе нема да се толерираат навреди кон македонскиот народ, Лазаров вели дека зависи кој како ќе навреди и во што ќе биде изразена навредата.

-Тврдењата, на пример, дека во минатото сме биле едно, не можат да се сфатат како навреда. Мислам дека македонската влада треба да обезбеди, преку средствата на демократијата, да открие дали повеќе од половина од Македонците се против влезот во ЕУ според прифатениот „француски“ предлог, иако тоа би значело сериозно одложување, а можеби и целосно одбивање на РСМ да влезе во ЕУ. Ако се покаже дека е така, тоа би било удар за Бугарија, порачува Лазаров.

Н.П.

Слични содржини