Бугарски аналитичари за „Локално“: Изборите во Бугарија нема да ја променат позицијата на Софија во однос на ветото

од Nikola Popovski
582 прегледи

Бугарската Централна изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите, што значи дека партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов со освоени 24,08 проценти од гласовите е победник на предвремените парламентарни избори во земјата. Потоа неа следуваат ГЕРБ-УДФ на поранешниот премиер Бојко Борисов со 23,51 отсто, БСП со 13,39 отсто, „Демократска Бугарија“ освои 12,64 отсто, Движење за права и слободи (ДПС) 10,71 отсто, а коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“ доби 5,01 проценти од гласовите.

Во своето прво соопштение по гласањето на 11 јули, Трифонов предложи нова влада без учество на која било друга партија, крајно невообичаен потег што може да доведе до неуспех и да ги активира третите парламентарни избори оваа година. Сепак, главното прашање за Македонија е што значи исходот од овие избори за нашите евроинтеграции и што би се случило доколку дојде до нови избори?

Редакцијата на „Локално“ во обид да најде одговор на ова прашање го контактираше бугарскиот историчар и професор Стефан Дечев. Според него, се разбира, и веќе обединети, ВМРО-БНД и други екстремни националистички формации на Красимир Каракачанов, останувајќи вторпат под границата од 4% гласачи (кој не е доволен за влез во Собранието), се генерално добра вест за Скопје.

„Но, иако ВМРО навистина беше главниот мотор во последниве години, играјќи улога во одредувањето на составот на заедничката историска комисија, таа ја инспирираше Рамковната позиција на владата на Бојко Борисов и Парламентарната декларација од октомври 2019 година и беше активна во однос на ветот, со не-прифаќање на рамката за преговори на РС Македонија на крајот на 2020 година. Сепак, бугарската политичка линија одразуваше релативно стабилен консензус во бугарската историографија и лингвистика по крајот на 1960-тите. Всушност, сличен консензус се крие зад непопустливоста на Македонија во изминатите четири години. Во оваа смисла, пред да се формира влада, рано е да се зборува за проценки во однос на македонските евроинтеграции“, вели Дечев.

Во однос на изјавата на бугарскиот претседател Радев дека Скопје сама треба да ја крене блокадата, историчарот вели дека Радев зборува најмногу како кандидат за втор мандат.

„Исто така, не треба да се заборави дека и Рамковната позиција и Декларацијата на парламентот од октомври 2019 година беа стимулирани од една негова изјава дадена во септември 2019 година, по неуспешниот состанок на Заедничката историска комисија во Софија, договорена од бугарскиот ко-претседавачот проф. Ангел Димитров како „најнеплоден“. Ако некој внимателно анализира какви изјави дава Радев во последно време, ќе види дека се обидува да не дава несмасни и дебели изјави, типични за Каракачанов последниве години, но и различни од поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која понекогаш е поврзана со вистинско непознавање на проблемите во односите меѓу Софија и Скопје. Заедно со ова, Радев испрати уште неколку пораки. Првиот е дека владата на Борисов не им објасни на Европа и на светот за валидноста на тврдењата на Бугарија кон Скопје и тој тоа мораше да го стори со привремената влада на Стефан Јанев. Второ, Радев постојано привлекува внимание на фактот дека Скопје мора да оди по својот пат. И трето, претходните историски тврдења на Софија, Радев ги преформулира и ги поврзуваа со европските вредности. Но, вината да се стигне овде е видлива и од двете страни“, смета Дечев.

Бугарскиот професор посочува дека никогаш не верувал дека ветото може да се укине уште овој јуни за време на португалското претседателство.

„Дури и ако бугарски политичар смета дека ветото е грешка, пред два изборни циклуса – парламентарни пред лето (а не знаеме дали се последни) и претседателски наесен, тој не може да го стори тоа, бидејќи е блокиран од Декларацијата од октомври 2019 година. Запомнете дека во последните месеци од 2020 година, непосредно пред бугарското вето, македонската влада, иако новоформирана, не направи ниту еден мал гест што може да се толкува како отстапка за Софија, во поглед на историјата. Сетете се на реакциите на интервјуто на Зоран Заев за БГНЕС во вашата земја. Всушност, не мислам дека овој пат, во мај и јуни 2021 година, владата во Скопје го стори она што беше потребно за да се укине блокадата. По турнејата во странство и во голем број европски метрополи, премиерот Заев дојде во Софија во 5 до 12. Очигледно, тој повеќе се потпираше на странскиот притисок врз Софија. И очигледно ова одговара на некои длабоки ставови на јавноста во самата Македонија да стори сé што е можно и да се заобиколи Софија, и нејзините арогантни и поумерени и разумни барања. Ова е евидентно во случаите кога европските претставници даваат изјави за македонските медиуми и инсистираат или го советуваат Скопје да се согласува со Софија во духот на португалскиот предлог, а вашите новинари сепак прашуваат: „Не може ли правилата и одлуките во ЕУ да се променат, односно да не се земаат со консензус“, наведува тој.

На прашањето дали можеме да очекуваме излегување од кризата во односите доколку Трифонов и неговиот тим успеат да состават влада, Дечев вели дека тешко може да се предвиди.

„Лично, не можам да замислам дека следниот премиер на Бугарија, ќе се вика Николај Василев. Уште поважно, во моментот, бугарските политичари, како и многу Бугари, сметаат дека 100% од вистината за минатото е на бугарска страна. Исто како и во Македонија, многу луѓе мислат дека бугарските тврдења за минатото се од почеток до крај дел од измислици и дрски лаги. Но, ниту едно разбирање не одговара на реалноста од минатото. За мене е многу тешко да проценам дали Бојко Борисов (затоа што и тој го стори тоа), Слави Трифонов и нашиот фудбалски коментатор на Европското првенство во фудбал, ја користат придавката „северномакедонец“ од незнаење или намерно за да ги навредуваат Македонците . Постојат такви случаи меѓу бугарските националисти, како и слабо образованите луѓе. Но, не знам за кои од овие три случаи станува збор за такво нешто“, напиша Дечев.

За изјавата на Радев, дека „кога ќе се кренат границите меѓу двете земји, младите да не се мразат“, Дечев не мисли дека вистинскиот збор е „помирување“.

„Но, дури и така да се каже – зошто да не? Јасно е дека ние сме најблиските нации. Иако поради минатото во Југославија, многу Македонци денес изгледаат поблиску до Србите. Но, потребни ни се бугарски и македонски политичари со европска визија и воспитание, како и бугарски и македонски историчари со вистински стручен поглед на минатото, кои се на ниво на модерна историографија, општествени науки и хуманистички науки“, смета бугарскиот историчар.

За изјавата на професорот на универзитетот во Грац, Флоријан Бибер за регионален медум деновиве дека доколку Бугарија реши да ја крене блокадата, следна блокада за С.Македонија може да дојде од Париз, Дечев вели дека многу европски метрополи не брзаат да преговараат и да ги прифаќаат земјите од Западен Балкан.

„Затоа донекаде се сомневам и за минатогодишниот и за годинашниот едногласен јавен хор на дипломати, кои го гледаат единствениот проблем во Софија, во поглед на овој спор“, прецизира бугарскиот професор во изјава за „Локално“.

За, Велизар Енчев, доктор по меѓународно право и поранешен амбасадор на Бугарија во Хрватска, која било партија и кој било премиер владее со Бугарија е неважно за бугарското вето на РС Македонија.

„Постои Декларација на националното Собрание, која е императив и командува и според неа ниту една влада не може да прави компромис со бугарската историја на преговорите со Скопје! И ниту еден бугарски политичар нема да отстапи од оваа позиција, барем јас не познавам еден. Можеби само Движењето за права и слободи (ДПС) е подготвено на компромис, но таа партија сега го нема главниот збор во владата“, вели Енчев во интервју за „Локално“.

Според него, нема простор за решение се додека Скопје не ги уреди своите учебници по историја и литература и не ги отстрани сите страници што го присвојуваат бугарското културно историско наследство и грубо го навредуваат бугарскиот народ како „Татари“ и „Монголи“.

„Последниот инцидент предизвика експлозија на гнев и бес во Бугарија. Сè зависи од вас. И бидејќи не можете да се откажете, затоа што одрекувањето од македонизмот е одрекување од националниот идентитет создаден по 1944 година, наскоро нема да станете членка на ЕУ. Но, нема да изгубите ништо од ова. Можете дури и да добиете, затоа што нема да го воведете еврото и да ги ликвидирате работните индустриски претпријатија поради европските стандарди, од кои некои се апсурдни“, изјави дипломатот.

На прашањето дали е е можно решение во септември без воспоставена влада во Софија, Енчев смета дека и со влада во Софија и без влада, Бугарија нема да отстапи од својата позиција.

„Верувајте ми, илузија е надежта дека новиот бугарски кабинет ќе ве пушти во ЕУ поради притисокот од Брисел и Вашингтон. Но, ако Националното собрание некогаш гласа за влада што има вазален статус или има премиер зависен од криминалното минато или од оф-шор сметките на Запад, тогаш имате шанса“, категоричен е тој.

Во однос на изјавата на Трифонов за испраќање „северномакедонски“ астронаут во вселена и колку реално можеме да очекуваме излегување од кризата во односите доколку тој и неговиот тим успее да состави влада, Енчев вели дека сега е сигурно дека таква влада нема да се формира, бидејќи скоро сите парламентарни партии ја отфрлија.

„Што се однесува до астронаутите, ова е заблуда на Трифонов или друга шега од неговата емисија. Звучи несериозно, дури е на граница на комично“, објаснува поранешниот бугарски амбасадор во Хрватска.

Тој смета дека ние како нација сакаме да не нарекуваат „Македонци“, а не „северномакедонци“ затоа што, според кажаното, имаме малцински побарувања кон „Македонците“ во Пиринска и Егејска Македонија.

„ Бугарија направи голема грешка поддржувајќи го делот во Договорот од Преспа, која ви го даде името „Република Северна Македонија“. Ова име има географска ознака и се однесува директно на Бугарите во Пиринска Македонија. Нашата согласност е неуспех на владата на Борисов. Ако се откажете од Договорот со Преспа, тогаш ќе го смениме политичкиот вокабулар. Од вас е прилично дрско да не повикате на одговорност за ова прашање откако доброволно го прифативте новото име на вашата земја. Ако продолжите со оваа реторика, Атина ќе осуди делови од Договорот од Преспа. Лошото за нас е што Грците ви го наметнаа името „Република Северна Македонија“ со цел дополнително затегнување на бугарско-македонските односи. Ова е брилијантна византиска дипломатија заснована врз принципот „кога двајца се караат, третиот користи“, потенцира Енчев.

Дипломатот вели дека е целосно реално сценарио изјавата на професорот Флоријан Бибер дека доколку Бугарија реши да ја крене блокадата, следна блокада за С.Македонија може да дојде од Париз.

„Пред три години, токму Франција и Холандија се изјаснија против ново проширување на ЕУ поради „заморот од проширувањето?

Нема да објавам никаква тајна ако кажам дека француската дипломатија дискретно ја поддржува нашата позиција. Париз има сериозни резерви и за македонското и за албанското членство во ЕУ. Една од причините е т.н. исламски фактор што доведе до отворено писмо од сто поранешни француски генерали и високи воени сили до претседателот Макрон. Потписниците на писмото протестираат против опасно променетата цивилизациска слика на француското општество од неконтролираната емиграција од Блискиот исток. Секој што дури еднаш бил во Париз, знае за што зборувам.

Втората причина за францускиот отпор е желбата на Макрон ЕУ да се развива со „две брзини“. Во првата брзина (група) се големите земји како Франција, Германија, Италија, а во втората се земјите од Источна Европа. Во оваа фаза, Тирана и Скопје не се вклопуваат во втората група поради незадоволителни финансиски, економски и нестабилни политички показатели“, рече дипломатот во интервју за „Локално“.

Премиерот Зоран Заев пред два дена изјави дека се согласува со бугарскиот претседател Румен Радев дека прашањата треба да се решаваат билатерално во Скопје или Софија.

„Многу често претседателот Радев вели дека за тоа не се одлучува во Брисел или Вашингтон, и јас се согласувам со него, за тоа се одлучува во Скопје или Софија, преку билатерален однос. Пријателите кои не охрабруваат да најдеме решение се добредојдени. Мислам дека на работниот состанок на 17 јуни разговаравме за сите детали што се важни и за нашата и за бугарската страна. Останува надежта дека ќе се формира Бугарскиот парламент и, пред сè, ќе се формира политичка влада, која ќе ја предводи извршната власт во Република Бугарија, бидејќи прашањето е адресирано до Брисел преку владата и верувам дека имплементацијата на патоказот ќе започне многу брзо, со што ќе доведе до просперитет за граѓаните на двете земји во различни области “, истакна премиерот.

Заев појасни дека неговата желба е да се формира влада на Бугарија поврзана со потребите на бугарските граѓани, како и затоа што по повторените парламентарни избори се очекува чекор кон решавање на проблемот.

Во врска со изјавата на Слави Трифонов за „северномакедонец во вселената“, тој одговори дека владата нема да реагира на зборовите на победникот на изборите во Бугарија, но доколку е потребно, тоа ќе се случи.

„Ние сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски“, рече Заев.

Фото: БГНЕС

Н.П.

Слични содржини