Бугарски политичар за можните санкции поради С. Македонија: САД да објаснат

од Nikola Popovski
394 прегледи

Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска би можела да побара од САД појаснување за изјавата дека Бугарија може да се најде под санкции бидејќи не сака да ја тргне блокадата за преговорите за членство на С. Македонија во ЕУ, изјави лидерот на бугарската парламентарна партија „Препород“, Костадин Костадинов.

Лидерот на партијата отсуството на официјална реакција од Бугарија го нарече срамно. Според него, самиот факт што ситуацијата е дојдена до точка да се разговара за американски санкции е скандал.

„Сакаме да добиеме официјално објаснување, а можеби и извинување. Извинување можеби ќе добиеме, а можеби не. Но, ние сакаме и мора да добиеме официјално објаснување, а не да се задоволиме со тоа што администрацијата на Џозеф Бајден наводно дала изјава дека не размислува за воведување санкции“, рече Костадинов.

Бугарскиот премиер Кирил Петков дојде во официјална посета на Скопје, каде се сретна со македонскиот колега Димитар Ковачевски. Политичарите се согласија да воспостават авиолинија меѓу Софија и Скопје. Сепак, не беше постигнат компромис за спорните прашања, иако Ковачевски најави дека македонското МНР ќе испрати нота до ОН за краткото име на државата, со што официјално ќе потврди дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија, како што вчера изјави Петков за бугарските медиуми.

Да потсетиме, за време на викендот американската конгресменка Клаудија Тени во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека санкциите кон Софија се „можна варијанта“. Таа ја повика Бугарија да ги третира сите малцинства, вклучително и Македонците, еднакво и со почит. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс подоцна изјави дека претседателот Џозеф Бајден не размислува за воведување санкции.

Слични содржини