Бугарскиот европарламентарец Јорданов „исвиркан“ во македонското Собрание

од Vladimir Zorba

Европарламентарецот Александар Јорданов, кој е член на коалицијата ГЕРБ-СДС и на групата Европски народни партии, вчера беше исвиркан во македонското Собрание, откако среде расправата на Мешовитиот комитет Македонија за ЕУ изјави дека Гоце Делчев е Бугарин, дека браќата Миладиновци објавиле бугарски народни песни а ги нарекле македонски само затоа што биле од географскиот регион Македонија, дека кај нас се дискриминираат граѓаните што се декларираат како Бугари и генерално нема атмосфера за уставни промени.

Јорданов предизвика револт и дофрлање кај македонските пратеници кои побараа да не држи часови по историја.

„Во парламентот очигледно нема атмосфера за уставни промени. Ве прашувам, кога ќе се случат тие? Слушнав примери за дискриминација на Бугарите во Северна Македонија, за опожарување на културните клубови, за славење на сторителите, за носење на ретроактивниот закон – сето тоа е неприфатливо во Европската унија. Дали е ова владеење на право? Ова не е само прашање на односите на Бугарија и Северна Македонија, ова е прашање на човекови права и вредности“, рече поранешниот амбасадор на Бугарија во Скопје.

„Гоце Делчев неколкупати се декларирал како Бугарин. Браќата Миладиновски напишаа зборник на бугарски народни песни кои ги нарекоа македонски само затоа што се од регионот на географска Македонија. Не може тие да станат македонски песни“, рече Јорданов, по што наиде на довикувања од пратениците.

Соња Мираковска од НСДП, која го водеше Мешовитиот комитет, му возврати со лекција за добро однесување, без да му даде повод да се жали на сите страни дека наишол на политичка нетолеранција во македонскиот парламент, по што доби аплауз.

„Ова е вторпат да го отвораме Уставот за краток период. Немојте да мислите дека тоа е едноставно и лесно за граѓаните на Македонија. Пријателите си помагаат во вакви моменти, а многу изјави на бугарски политичари не ни помагаат да ги направиме измените. Видовте како ние ги меревме зборовите за да не си ги отежнуваме работите. Никој не бил во ваква позиција за да знае колку е тешко да се направи ова“, посочи Мираковска.

На Мешовитиот комитет кој заседава во Скопје требаше да присуствува и Ангел Џамбаски, но тој иако беше најавен, не се појави во Собранието.

Слични содржини