Бугарските клубови не се опасност за нашиот идентитет, тврди Маричиќ

од Vladimir Zorba

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во денешното интервју за новинската агенција „Макфакс” рече дека секоја провокација го отежнува патот кон ЕУ и завршувањето на обврските, додавајќи бугарските клубови сами по себе не се опасност за нашиот идентитет.

– Со Џамбаски и Ковачев сум имал прилика да се судрам во Европскиот парламент и во салата и надвор од неа. Ние никогаш не сме се обидувале да ги убедиме нив дека ние сме Македонци. Нашето постоење како Македонци не зависи од нив, тоа треба сите да го знаеме, изјави Маричиќ, посочувајќи дека не можеме врз основа на нивните лични навреди и провокации, да креираме политика кон ЕУ или Бугарија.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ во интервјуто уверува дека не треба да се плашат граѓаните од вето, бидејќи тоа не е во рацете на Бугарија, туку во наши раце и затоа ако не ги изгласаме уставните измени тогаш сами ќе се блокираме.

– Условите се тешки и не е праведно, не било лесно ни за нас, кои сме седеле на таа маса и сме преговарале ни било лесно и едноставно, напротив. Но, тоа беше единствената шанса, единствениот начин да ги почнеме преговорите, после изгубени десет години и многу пропуштени шанси, вели Маричиќ, додавајќи дека многу покомотно ќе било за Владата да не ги прифати никакви услови, да го стават Гоце Делчев на местото на Александар Македонски на плоштад и следните десет години да владеат на оваа тема.

На прашањето дали се почнати преговорите со ЕУ главниот преговарач со ЕУ објасни дека скринингот е започнат, а тоа може да се случи кога преговорите се формално почнати.

– Јас можам да ви потврдам дека 2022 е историска година за нас бидејќи по прв пат ги почнавме преговорите. Чешкиот министер за надворешни работи, на Меѓувладината конференција, рече дека преговорите се отворени и дека почнува да тече преговарачкиот процес. Имаме определени услови и фази што треба да ги поминеме за да продолжиме со преговорите кога и ќе ги отвориме поглавјата. Колку брзо тоа ќе се одвива зависи од нас и од тоа дали ќе ги исполниме обврските од преговарачката рамка, објасни Маричиќ.

На прашањето да даде коментар за ниската доверба на граѓаните во правосудството, како поранешен министер за правда, Маричиќ рече дека министерот и Владата имаат ингеренции да создаваат услови за работа, но не може да работат наместо судиите и обвинителите.

– За моите 16 месеци министерување, направено е колку што може да се направи во тие услови. Многу процеси започнаа, меѓу кои и процесот на дигитализација. 34 судови почнаа процес на дигитализација, а процесот за целосно дигитализирање на сите судови трае сè уште.

Вицепремиерот додаде дека додека во негово време започна да се применува и новата методологија за оценување и разрешување на судии, а беше зголемен и буџетот на судството и пораснаа платите на судиите и обвинителите.

– Горд сум и на пописот кој беше спроведен по 20 години, а се донесоа и законски измени. Од една страна на Изборниот законик, по барање на ВМРО-ДПМНЕ се внесе фингерпринтот и се направија законски измени на Кривичниот законик со кој се зајакнува заштитата на новинарите како службени лица” рече вицепремиерот Маричиќ.

Тој направи компарација со судските реформи кои ги направи Албанија, распуштувајќи го целиот судски систем, бидејќи беше со години блокирана и не можеше да избере Уставен суд и Врховен суд, укажувајќи Маричиќ дека нам не ни било дозволено тоа да го направиме, без поддршка од Европска комисија, поради научените лекции од Албанија.

Околу прашањата за трошењето на државна сметка, вицепремиерот Маричиќ одговори дека сите сметки потпишани од него се поврзани со некоја службена активност и не отскокнуваат од просекот на министрите.

– Немам што да кријам, затоа што не ја злоупотребувам никогаш сметката, картичката. Владата има правилник, којшто ги третира службените трошоци и точно за секоја сметка имам извештај. Има правилник по којшто се цени колку смее да чини еден оброк и не било секогаш до максимум. Секогаш се било во рамките на законот, беше дециден Маричиќ.

Маричиќ рече дека тоа е секаде така, така било и така е сега, и така и ќе биде и дека не е врзано со него и неговата функција, објаснувајќи дека неговиот потпис стои и на трошоци коишто се однесуваат на големи настани, но и дека често, колку што тоа дозволува и расположливоста на капацитетите, но и од програмата на гостите, делегациите на кои е домаќин ги носи во државните објекти каде храната е поевтина.

– Во картичките на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ имаше пелени, имаше одела купени, имаше практично во маркет пазарено, живот на државна картичка. Тоа не е случај ниту со мене, ниту со кој било друг сегашен министер. Никогаш не сум ја злоупотребил службената картичка и немам таква намера, истакна Маричиќ.

Слични содржини