Букурешт протестира против корумпираните политичари

од Vladimir Zorba
77 прегледи

Премиерот Сорин Гриндеану  го штити указот, тврдејќи дека нема никаква причина да поднесе оставка.

Десетици илјади луѓе протестираа  и синоќа во Букурешт и во многу други градови во Романија. Трет ден масовните акции се насочени против ублажување на законите за борба против корупцијата. Активностите на властите во Букурешт во оваа насока беа критикувани и од Брисел. Според локалните медиуми  само во протестот пред зградата на владата учествуваат околу 40 илјади лица. Многу демонстранти, претежно млади луѓе, продолжија да се приклучуваат на толпата, но учесниците изгледаа помалку отколку претходната вечер, кога околу 100 илјади луѓе се собрале на истото место.

Во средата Романија стана сцена на невидена мобилизација, по падот на комунистичкиот режим на Николае Чаушеску . Помеѓу 200 и 300 илјади луѓе протестираа во шеесетина градови на земјата. Причина стана итен декрет донесен без многу врева од владата на социјалдемократите, кој ќе им овозможи на вработените на избраните функционери и осомничени за злоупотреба бизнисмени да избегнат делумно затвор  и санкции.

“Начинот на кој го прифатија овој декрет е злоупотреба. Ние  им ги плаќаме платите на министрите, за да работат за нас, а не за своја корист”, изјави за АФП еден од демонстрантите – 38-годишниот вработен во мултинационална компанија Флорин.

Под плакат со натпис “Престанете да крадете”, одеше Кармен – архитектка на 31-години, која тврдеше дека ќе излегува посотоајно на улицата додека владата не поднесе оставка. “Повлекувањето на декретот веќе не е доволно, тие (министри) треба да ја напуштат, бидејќи мислат дека можат да прават се неказнето”, рече таа.

Премиерот Сорин Гриндеану го штити указот, тврдејќи дека нема никаква причина да поднесе оставка. “Направивме   законски решенија во владата и се движиме напред”, рече тој.

“Јас сум навреден, не би сакала да бидам принуден да ја напуштам  земјата”, рече Андреа Сусу, програмистка на 25 години, во искушение да ја  следи судбината на 3 милиони од 20-те милиони Романци кои живеат во странство.
Романскиот претседател Клаус Јоханис најави дека декретот ќе биде изнесен пред Уставниот суд.

Овој суд е последната институција што би можела да го спречи законот на владејачките социјалдемократи, чиј лидер Ливиј Драгнеа е меѓу осудените за корупција. 

Министерот за правда Флорин Јордаке, кој го донесе спорниот декрет за корупција, привремено му ја предаде должноста на неговиот заменик до 7 февруари.

Министерот за бизнис, трговија и претприемништво Флорин Жиано изјави дека поднесува оставка, бидејќи така му диктира совеста.

Заменик-претседателот на социјалдемократите повика на анулирање на спорниот декрет.

Уредбата на романската Влада, која подразбира и нацрт-закон за помилување на осудени лица, е критикувана како најголемо отстапување од антикорупциските реформи од 2007 година, кога Романија стана членка на ЕУ.

Со декретот ќе се овозможи декриминализација на прекршоци во врска со злоупотреба на власта, чиј износ не преминува 48.000 долари.