Царината со нова кампања: Не замижувај – и ти можеш да ја спречиш корупцијата

од Nikola Popovski

Царинската управа започнува кампања за зголемување на свеста за опасностите кои ги носи корупцијата со цел граѓаните или вработените кои ќе бидат сведоци на корупција или сомнителна активност тоа да го пријават.

Во рамки на кампањата „Стоп за корупцијата”, од 9ти до 17ти август на граничните премини ќе се делат брошури преку коишто јавноста ќе може да се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува истата.

„Пријави на 197, отворена линија на Царинската управа. Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал. Поткопување на националната безбедност, даночни загуби и намалување на странските директни инвестиции се само едни од штетните последици што ги предизвикува корупцијата”, се дел од пораките потенцирани во брошурата.

Кампањата за подигнување на јавната свест за пријавување на случаите на корупција, судир на интереси и злоупотреба на службените должности од страна на царинските службеници ќе се спроведува во внатрешните испостави низ државата и на граничните премини Богородица, Ново село, Дојран, Табановце, Делчево, Блаце, Аеродром Скопје и Ќафасан.

Слични содржини