Центарот на Подгорица блокиран: Милатовиќ дава заклетва и ќе ја преземе должноста претседател на Црна Гора

од desk4

 

Новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, денеска точно на пладне ќе положи заклетва и ќе ја преземе должноста претседател на државата.

На инаугурацијата, во Собранието на Црна Гора, ќе присуствуваат околу 200 државници, меѓу кои претставници од регионот, амбасадори и специјалниот пратеник на САД, Габриел Ескобар.

На церемонијата ќе бидат присутни пратеници, министри, правосудните органи, но и поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кого Милатовиќ убедливо го победи во вториот круг од претседателските избори на почетокот на април.

Од утрото е блокиран поширокиот центар на Подгорица, како и патот до аеродромот.

Претседателот се избира на пет години, а сите претходни инаугурации беа во Цетиње.

Триесет и седумгодишниот Јаков Милатовиќ е првиот претседател кој не е од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ, која владееше три децении, до август 2020 година, кога ги загуби изборите.

Милатовиќ е еден од лидерите на Движењето Европа сега, основано пред една година. Тој во политиката, пак е од пред три години кога беше назначен за министер во првата влада избрана по падот на ДПС од власт.

Во претседателската трка тој беше поддржан од владејачките партии, прорускиот Демократски фронт, Демократите и од Граѓанското движење Ура.
Од почетокот на 90-тите, Ѓукановиќ шест пати бил премиер и два пати претседател на Црна Гора.

Слични содржини