Чаушевски: Македонија има директен договор со Русија, однапред одредените количини гас треба да се испорачаат

од Берта Китинска
320 прегледи

Кога се работи за снабдување со природен гас, обично сите земји и енергетски компании имаат договори со однапред одредени количини и цени на гасот за снабдување. Србија и Македонија кои се снабдуваат со руски гас од гасоводите кои се во источните земји (Бугарија, Романија, …) имаат директни договори со Русија, така што тие однапред одредени количини треба да се испорачаат, вели во разговор за „Локално“, проф. Антон Чаушевски.

Професорот појаснува дека ако земјата има или склучи договор за снабдување со гас, истиот треба да се почитува.

-Русија ќе ги испорачува оние количини кои се однапред договорени, додава Чаушевски.

Во однос на зависноста од рускиот гас и од нафтата која треба да заврши во 2027 година, според Економскиот комесар на ЕУ, потпирањето на ЛНГ од Катар и САД се опција за која професорот појаснува дека цената на гасот во овој случај ќе биде дискутабилна и ќе зависи од пазарот на течен гас.

-Освен рускиот гас кој доаѓа од гасоводот преку Бугарија, друга опција за снабдување со гас е гасоводот односно интерконекторот со Грција кој најоптимистички би бил готов после 2025. Но, се уште цената е дискутабилна и не се знае точно што секако зависи од пазарот на течен гас, зошто течниот гас (ЛНГ) заради технологијата и транспортот е поскап од природниот гас обично за 20%, објаснуа тој.

Според него потребите од природен гас имаат и азиските земји кои се во економски раст .

-Потребни им се енергенси на Кина, Индија, Пакистан Ирак и дриги земји од регионот на централна и источна Азија, вели Чаушевски.

Протокот на природен гас кон земјава сепак зависи од одлуките на Русија

По најавите од Русија за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија, од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) велат дека цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за земјава, со што техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава има.

-РКЕ во континуитет ја следи состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот.Според достапните информации со кои располагаме „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас , вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Од комисијата упатуваат на нашата легислатива според која согласно членот 13, став (7) од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.

-Што значи дека сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво , додава Бисломоски.

„Газпром“, целосно ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ денеска соопшти дека целосно ја прекинал испораката на гас за Бугарија и Полска, бидејќи тие не плаќале во рубљи за испорачаното гориво, пренесе ТАСС.

„Газпром експорт“ ги информираше „Булгаргаз“ и „ПГНиГ“ за суспензијата на испораката на гас почнувајќи од 27 април до моментот кога ќе го извршат плаќањето како што е предвидено со уредбата“, соопшти „Газпром“.

Се додава дека „Газпром Експорт“ не добил исплати за испорачаниот гас во април од тие компании до крајот на работниот ден во вторник, 26 април, кога истече рокот за подмирување на обврските.

Б.М.

Слични содржини