Проф.Чаушевски за „Локално“: Набавката на јаглен само ќе ја ублажи состојбата, но увоз на струја секако ќе има

од Vladimir Zorba

Набавката на јаглен чија тенерска постапка се уште не е завршена според професорот Антон Чаушевски нема да го реши проблемот со недостигот на електрична енергија. Увезениот јаглен според него само ќе ја ублажи состојбата во која цените на електричната енергија секојдневно уриваат рекорди, но увозот  на струја ќе биде неизбежен.”Увоз на електрична енергија ќе има и покрај увозниот јаглен, зошто нашите производни капацитети не се доволни за да ги покријат домашните потреби од електрична енергија, вели Чаушвески во интервју за локално.мк

Наспроти уверувањата на Владата дека цената на струјата нема да поскапе за 50 %, Чаушевски е дециден  дека како последица на високите цени на берзите и слабото ниво на акумулациите, цената на електричната енергија ќе оди нагоре.” Зависи како би се движела цената на електрична енергија на регионалниот и европскиот пазар. Ние увезуваме околу 30% од потребите, така што   за очекување е дека цената може да се крене и до 50%вели Чаушевски

Не ја исклучува можноста во погон да се вклучи ТЕЦ Неготино но нагласува дека поради високата цена на мазутот, производната цена на електричната енергија од ТЕЦ  би била блиску до увозната . ,„Со денешна цена на мазутот, производната цена од ТЕЦ Неготино би била 160-180 евра  по MWh што е блиску увозната. Меѓутоа во случај да не може да се увезе енергија, ТЕЦ Неготино би била добредојдена златна ладна резерва во нашиот систем, објаснува Чаушевски.

Во однос на цените на природниот гас,професорот Чаушевски не очекува тие значително да се одразат на нашата земја бидејќи Македонија сеуште не троши големи количини гас за енергетските и индустриските потреби. Очекувам гасот да има цена во некои разумни граници за потребите на топлификација и за комбинираната ТЕТО Скопје која секако во овој момент и веројатно цела зима ќе биде во погон и без разлика со кој снабдувач има склучено договор”, додава Чаушевски.

Во понеделник завршува тендерот за набавка на јаглен со кој треба да се обезбедат количини за домашно производство на електрична енергија. Дали јагленот и домашното производство “ќе ја спаси “земјава од енергетска криза односно ќе се произведе толку електрична енергија што нема да има потреба од увоз на струја?

-Набавката на јаглен и домашното производство само ќе ја ублажат зависноста од увозна електрична енергија која достигна астрономски цени. Увоз на електрична енергија ќе има и покрај увозниот јаглен, зошто нашите производни капацитети не се доволни за да ги покријат домашните потреби од електрична енергија.

Дали транспортот на тој јаглен ( од земјата која ќе биде избрана на тендерот) може да ја одолговлечи целата постапка?

-Термоелектраните во нашата држава користат јаглен со одредена калорична моќ. Потребниот процент кој им  одговара е содржан во јагленот од косовските и грчките ископи (рудници). Не знам, можеби токму соодветната калорична моќ ја поседува и рудата од Полска на пример, но тука се јавува проблемот со превозот.Како таа би се донела, и кој ќе дозволи да се истовари  толкава количина на некое пристаниште? Од друга страна јас веќе посочив дека набавката на јаглен само прувремено ќе го реши проблемот и ќе ја ублажи работата само колку да се протурка оваа зима.

Освен интервентниот увоз на јаглен Владата вети и финансиска помош за енергетските компании ЕСМ и МЕПСО. Во јавноста има поделени мислења околу тоа дали се ова вистинските чекори или треба засилено да се инвестира во ОИЕ. Каков е вашиот став?

-Во ова криза секако енергетските компании се најпогодени. АД ЕСМ го продава своето производство по регулирана цена, а МЕПСО има задача да го балансира производството со увозната енергија од една страна и потребите на потрошувачите и загубите од друга страна. Инвестициите во ОИЕ секако се одвиваат континуирано од приватни концесионери и од нашите јавни компании. Сепак, во вакви периоди во есенски и зимски денови,  ОИЕ не можат да ги покријат потребите од електрична енергија. Потребно е да се инвестира во базни електрани како ТЕЦ на фосилно гориво, јаглен и/или природен гас, како и да се одржуваат во оперативна кондиција постојните термоенергетски производни капацитети, доносно и да се обезбеди гориво за зимскиот период (октомври-март).Секако дека треба да се градат и нови хидроцентрали за кои постојано се збори и се направени досега многу студии и анализи. Во ова криза ќе се извлечат оние земји кои имаат базни термоцентрали на јаглен и гас, а и оние кои имаат нуклеарни енергетски постројки.

За да се ублажи кризата, не се исклучува можноста во системот да се вклучи ТЕЦ Неготино. Колку е реална ваквата можност особено ако се знае дека термоелектраната со години не е пуштена погон?

-ТЕЦ Неготино е на мазут и долго време не е во погон. Секако треба да се провери во каква кондиција е, меѓутоа и цената на мазутот е висока. Со денешна цена на мазутот, производната цена од ТЕЦ Неготино би била 160-180 евра по MWh што е блиску увозната. Меѓутоа во случај да не може да се увезе енергија, ТЕЦ Неготино би била добредојдена златна ладна резерва во нашиот систем. Секако дека треба да се мисли да се пушти и ТЕЦ Неготино во одреден момент, односно да се обезбеди мазут и  технички да се провери и спреми за погон, зошто најскапа е енергијата што ја нема.

Според уверувањата на Владата ќе има доволно електрична енергија и  нема да поскапи, барем не до крајот на годинава. Според вашите очекувања со колкаво поскапување на електричната енергија може да ја стартуваме 2022 година?

-Зависи како би се движела цената на електрична енергија на регионалниот и европскиот пазар. Ние увезуваме околу 30% од потребите, така што   за очекување е дека цената може да се крене и до 50%. 

Дали дождовите што паѓаат изминативе денови ќе ја подобрат хидролошката ситуација во земјава или спасот е во снегот?

-Во Македонија веќе две години имаме изразито суви хидролошки години, а посебно е тековната 2021 како најсушна година. Акумулациите се испразнети, така што треба доста добра хидрологија, а посебно снегови, за да очекуваме дека напролет односно следната пролет би биле полни акумулациите на хидроцентралите. Овие есенски дождови секако ќе придонесат за нивно полнење, но не доволно да се стават во погон според потребите.

Дали може да се соочиме со рестрикции на струја?

-Рестрикциите на струја е најнепосакувана и крајна опција кога технички не може  да се обезбедат потребните количини електрична енергија за потрошувачите. Рестрикции имаше во Македонија на почетокот на 80-тите години на минатиот век пред да влезат ТЕЦ Битола во погон при што Македонија се соочуваше со недостиг на електрична енергија.

Иако се работи за глобален проблем со електричната енергија, основното прашање што нашата јавност си го поставува е како ние станавме дел од овој севкупен проблем и уште повеќе како проблемот со скапата електрична енергија да се реши долгорочно?

-Видете, ние најверојатно не се надевавме дека толку бргу ќе дојде до оваа ситуација. Не се очекуваше ни дека ниските температури ќе почнат уште од почетокот на октомври, ако се земе предвид дека ваква временска состојба е карактеристична за подоцнежните месеци. Енергетиката е сектор кој е основен двигател на економијата на секоја земја. Доколку сте силно увозно зависни, тогаш може и да сте неконкурентни. Енергетиката е сектор за кој треба долгорочно да се планира и да се дејствува со изградба на нови капацитети и одржување на постојните, а цената на електрична енергија се менува од ден на ден како секоја пазарна категорија. Затоа не може да се реагира така брзо. 

Ова криза е заради енергетската политика на многу европски земји кои се откажаа од јагленот и/или ги затворија нуклеарните централи и во една ваква ситуација се соочуваме со енергетска криза. Мора да бидеме свесни дека, покрај ОИЕ во системот, се потребни базни термоелектрани, нуклеарни електрани  и хидроелектрани кои се доверливи и нивната оперативност е диктирана според потребите на потрошувачите, без разлика на временските околности од кои пак изразито зависат производните единици на ОИЕ.  

Исто како и електричната енергија, и цената на гасот постојано урива рекорди. Дали може да ни се случат проблеми и во делот на снабдување со гас?

-Цената на енергенсите секогаш оди со ист тренд. Ако цената на нафтата се зголемува, се зголемува и цената на природниот гас, како и на електрична енергија и обратно. Овие енергенси имаат пазарно тесно поврзани корелации, така што секако сите одат или нагоре или надолу. Ако се затвораат електраните на јаглен и нуклеарните централи, како опција останува гасот за базните електрани. Со тоа цената на гасот се зголемува, а секако и на електричната енергија. Не очекувам големи промени во цената на гасот, зошто Македонија се уште не троши многу гас за енергетските и индустриски потреби, односно годишно околу 200 милиони нормални метри кубни. Очекувам гасот да има цена во некои разумни граници за потребите на топлификација и за комбинираната ТЕТО Скопје која секако во овој момент и веројатно цела зима ќе биде во погон и без разлика со кој снабдувач има склучено договор, е многу кориско што е во системот на најголемото конзумното подрачје во Скопје.

К.В.С.

Слични содржини