Чешкиот премиер ќе се соочи со тужба од неговиот син

од Nikola Popovski

Синот на чешкиот премиер Андреј Бабиш Јуниор изјави дека е „решен да поднесе кривична пријава“ против неговиот татко во врска со наводната измама при добивање субвенции од Европската унија.

„Направени се злосторства против мене. Татко ми треба да одговара на суд за она што се осмели да ми го направи“, му рекол Бабиш Јуниор за весникот „Деник Н“.

Бабиш го обвинува својот татко дека го вовлекол во случај на наводна злоупотреба на европските фондови, само еден месец пред парламентарните избори во Чешка, пренесува бриселскиот портал Еурактив.

Тој исто така тврди дека бил задржан на Крим против негова волја во 2018 година, за да не сведочи во тој случај.

Премиерот ги отфрла обвинувањата и тврди дека неговиот син е ментално болен.

На 9 септември, чешката полиција го испрашуваше Бабиш Јуниор пет часа. Тој им даде експертско мислење во кое се наведува дека нема проблеми со менталното здравје.

Бабиш е осомничен дека илегално добил два милиони евра од фондовите на ЕУ за изградба на фарма и конгресниот центар Родино Гнездо во 2008 година. Потоа, тој наводно ја пренел сопственоста на фармата што била дел од неговиот „Агроферт“, за да може да добие европски грантови за мали и средни претпријатија, а по пет години се вратил на концернот.

Полициските истражители препорачаа поднесување кривична пријава против Бабиш во јуни, но државниот обвинител го врати случајот во полиција за понатамошна истрага, така што случајот останува отворен.

Бабиш ги отфрла сите обвинувања, тврдејќи дека се политички мотивирани.

Слични содржини