Идните мајки често ги мачи прашањето – што да јадат за време на бременоста?
Тие не се сигурни дали секоја храна е безбедна и дозволена и се прашуваат дали тоа што го јадат може да му наштети на нероденото бебе. Сето ова се вообичаени прашања меѓу трудниците, но во повеќето случаи нема за што да се грижите, тврди нутриционистката Шарлот Стирлинг Рид.
Таа за „The Sun“ објасни дека жените често „паѓаат“ на митови и непотребно се ограничуваат, а наведе кои четири намирници не треба да ги исфрлите од исхраната додека сте бремени бидејќи се безбедни доколку се консумираат правилно.
Кафе
Ако ги следите безбедните упатства за внесување на кофеин до 200 милиграми дневно, нема причина да се откажете од утринското кафе.
„Важно е да го знаете вашиот дневен лимит бидејќи консумирањето премногу кофеин на редовна основа може да го зголеми ризикот од компликации при пораѓај“, истакна Рид.
Суши
Ако сакате суши, слободно јадете го, но внимавајте рибата да е сварена.
„Сировите риби и сировите школки не се препорачуваат за време на бременоста поради ризикот од присуство на листерија. Ова може да биде штетно за нероденото бебе, а може да му наштети и на здравјето на мајката“, вели нутриционистот.
Бремените жени имаат десет пати поголема веројатност да добијат листериоза (инфекција предизвикана од бактеријата листерија) отколку општата популација, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Симптомите вклучуваат повраќање и дијареа, а во ретки случаи може да доведат до спонтан абортус или предвремено породување.
Кикиритки
Постои мит дека трудниците не треба да јадат јаткасти плодови, но Стирлинг Рид тврди дека тоа не е така.
„Се препорачува да избегнувате кикиритки или јаткасти плодови само ако сте алергични на нив“, рече таа.
Јајца
Конечно, јајцата, кои се здобија со репутација како забранети за време на бременоста пред неколку години, всушност се безбедни за јадење, вели Стирлинг Рид.
„Може да се конзумираат јајца. Сировите јајца носат мал ризик од салмонела, што може да предизвика бремена жена да се разболи од труење со храна, но тие генерално не се проблематична храна“, заклучува таа.