Северна Македонија се соочува со нов услов и нова блокада од страна на Бугарија. Министер за одбрана на нашиот источен сосед, Красимир Каракачанов, пред една недела се закани дека неговата земја ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на ЕУ со С.Македонија доколку не се постигне согласност за историските прашања.
Сличен тон слушнавме и од бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев кој изјави дека „во ЕУ ќе влеземе откако ќе се решат прашањата со Бугарија“, односно откако македонската страна ќе прифати дека илинденскиот период и припаѓа на Бугарија и дека современиот македонски идентитет „лежи на бугарската национална историја“.
Според меморандумот на 6 страници пак, кој беше објавен вчера и пуштен до земјите членки на ЕУ, Бугарија поставила неколку услови за Македонија, детално објаснувајќи историски содржини околу македонската држава како „творба на Тито“ и дека „македонскиот јазик е норма на бугарскиот“.
Во меморандумот, Бугарија тврди и дека во архивите има докази за егзекуција помеѓу 1944 и 1946 година на повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија. „Повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“, тврдат тие.
Забелешките од меморандумот се однесуваат на прашања од поглавјето 35 кое се отвора на крајот од преговорите и во него се наведуваат прашања што ги нема во ниедно друго поглавје.
„Македонското и бугарското минато и историјата нè обединуваат, но исто така и нè делат“
Бугарскиот историчар Кирил Илиев, за Локално вели дека неговата најискрена желба е Бугарија да не ја блокира Македонија на првата меѓувладина конференција на ЕУ, но не ја исклучува како можна опција.
– Во последниве години во Бугарија слушнавме многу ветувања и желби од Зоран Заев и СДСМ, но трајното чувство е дека тие останаа неисполнети. Токму поради ова сега бугарското општество и политичката елита со зголемен интерес и внимание ја следат работата на заедничката мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања. Од тоа зависи дали ќе се зголеми недовербата на Софија кон владата во Македонија. Исто така, би рекол дека нивната идна интеграција во големото европско семејство зависи од одговорноста и одлучноста на политичарите, историчарите и општеството во Македонија, а не од каква било желба на Бугарија да ја запре Македонија. Нема да најдете ниту една личност што не сака да бидеме дел од истиот воен, политички или економски сојуз, посочи Илиев.
За тоа кое е најдоброто решение за ликот и делото на Гоце Делчев, историчарот смета дека парадоксот во овој случај е дека македонското и бугарското минато и историјата не обединуваат, но исто така и нè делат и ако не го решиме историскиот спор сега, тој „ќе продолжи да ни виси како дамоклов меч над нашите глави и да не разделува“.
– Реално, ако успееме да го одврземе историскиот јазол, ќе можеме да се погледнеме во очи без да нè оптеретуваат оковите од минатото и предрасудите што тоа ги носи со себе. Најдоброто решение е да расчистиме што не дели и во исто време да размислиме како да се приближиме. Било да е на културно, економско, научно или спортско ниво, посочува бугарскиот историчар.
За Илиев лично, кога станува збор за историјата и Делчев невозможно е да се зборува за компромис.
– Сепак, постојат документи и разни историски извори. Историските факти не можат да бидат разговори и со историјата не може да се „ценка“ и да се бараат компромиси. Сепак, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и С. Македонија предвидува историската комисија да донесува одлуки само врз основа на историски извори на соодветната ера, а не врз основа на нејзините „модерни“ толкувања, без оглед на желбата или неподготвеноста за компромис. Она што е запишано во историските документи од ерата поврзано со Гоце Делчев, мора да го прифатиме, вели Илиев.
За ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека не може да се преговара за Делчев, историчарот смета дека е значајно што партијата на Христијан Мицкоски не сака да зборува за историјата и да се изјасни против Договорот за пријателство и добрососедство.
– Целокупната нивна политичка платформа е изградена врз историјата со години, а потоа не размислуваа како ја користат, а сега не сакаат историјата да биде врзана за политиката. Ова покажува само дека тие го користат (Делчев) за политички цели, без никакви скрупули. Во врска со ова, мислам дека Зоран Заев е далеку попрагматичен и сфаќа дека патот до Брисел минува низ Софија, а не преку Белград. Оттука произлегуваат спротивставените ставови во двете најголеми партии, изјави за Илиев за Локално.
„Немаме право да ја менуваме етничката припадност на починатите луѓе“
Европратеникот Асим Адемов вели дека Бугарија отсекогаш ја поддржувала С. Македонија и ќе продолжи да ја поддржува, но исто така дека треба да се почитува Договорот за добрососедство и пријателство, потпишан од страна на премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев, кој предвидува решавање на спорните прашања од нашето заедничко минато преку заедничкиот Комитет за историски прашања.
Но во Бугарија, тврди тој, остануваат со впечаток дека властите во С.Македонија имаат само желба за напредок, а во реалноста оваа желба недостасува.
– Очекувате поддршка од нас, но за возврат слушаме само ветувања. Комисијата престана да работи во ноември 2019 година не поради Бугарија, туку на барање на македонската страна, што е тешко за нас да го разбереме. Би сакал да потсетам дека постои усвоена рамковна позиција, која беше изгласана во Националното собрание, декларација поддржана од сите партии. Бугарија ќе се придржува до оваа декларација и став. Ова значи дека бугарската страна очекува видлив напредок во работата на академската Комисија за историски прашања. Спротивното ќе значи дека најверојатно ќе има проблем пред да започнат разговорите ЕУ-С. Македонија, вели Адемов.
Затоа е исклучително важно за нас, продолжува Адемов, академската Комисија за историски прашања да започне со работа.
– Многу е важно да стапнеме на историските факти напишани во Договорот за добрососедство и на вистината, а не на фалсификатите. Ова ќе биде од голема корист за двете пријателски земји, особено за С. Македонија, бидејќи нејзината европска интеграција ќе биде забрзана, смета европратеникот.
За спорот со Делчев, вели дека мора да бидеме со „отворени очи за вистините од минатото“ и „да ги прифатиме такви какви што се“.
Според Адемов, секој има право на самоопределување и ние сме должни да ги третираме направените избори со должно почитување.
– Ова, се разбира, важи и за оние луѓе кои се идентификуваат како Македонци. Потребна е почит и за оние кои се идентификуваат како Бугари во С. Македонија. Но, ниту вие, ниту ние немаме право да ја менуваме етничката припадност на починатите луѓе! Зошто да не ја прифатиме историската вистина за Гоце Делчев? На крајот на краиштата, тој се претставуцал како Бугарин. Зошто прифаќањето на оваа вистина се толкува како пораз за Македонците? За мене, позицијата во Бугарија е многу прифатлива и позитивна. Велиме дека Гоце Делчев е обичен херој кој се борел и го дал својот живот за автономијата на Одрин и Македонија во рамките на Отоманската империја. Затоа е погрешно да се размислува за овој проблем со категории како што се победници и губитници во овој спор за Гоце Делчев, изјави Адемов.
За тврдиот став на ВМРО-ДПМНЕ, европратеникот вели дека ова е „целосно деструктивна позиција“ што не е од корист, како за нашите пријателски односи, така и за европската перспектива на Македонците.
-Позицијата на премиерот Заев е покомпромисна и е основа за изнаоѓање решение за овој проблем, сè додека тој нема да остане само на зборови. Очекуваме поголема флексибилност, зрелост и храброст од страна на владата на Зоран Заев да го реши ова прашање, со цел да се забрза движењето на С. Македонија на патот на европската интеграција, додава европратеникот за Локално.
„Гоце е роден во тогашната етничка група на Бугарите, но подоцна станал основач на македонската нација“
Професорот Иваило Дичев пак смета дека не може да замисли дека неговата земја ќе ја блокира С.Македонија на евроинтегративниот пат и дека бугарските граѓани „нема да и простат на владата ако го стори тоа“.
-Во моментов, нашите луѓе повторно почнаа да се закануваат затоа што имаат внатрешни проблеми – овде траат антивладини протести веќе два месеци, и ова е начин да се сврти вниманието, бидејќи Македонија лесно ги разгорува страстите овде. Имајте на ум дека нашите власти не се многу влијателни во ЕУ, сегашната криза дополнително ја поткопа довербата на нашите западни партнери во нив, посочува Дичев.
Смета дека има само една потточка во договорот за соседството (чл. 8б) каде што се споменува „оваа проклета комисија“ – и не е многу јасно што точно се очекува од неа. Од друга страна, има многу други јасни цели – развој на транспорт, трговија, културна размена и што уште не – работи што не се исполнуваат. Каде се, прашува тој, македонските студенти во Бугарија или бугарските во Македонија, каде се медиумите од едната и од другата страна, каде е автопатот Софија – Скопје …
– Приближувањето на позициите кон историјата е бавен процес, секако дека мора да го придвижиме, но нема никаква врска со политичките работи. Нема потреба да се запре единствената шанса што ЕУ ни ја дава засекогаш да ги отстраниме границите меѓу нас, вели историчарот.
Решение за спорот со Гоце Делчев вели дека ќе се случи кога ќе се направи разлика помеѓу „етничката припадност и нацијата“.
– Гоце е роден во тогашната етничка група на Бугарите, но подоцна станал основач на македонската нација. Наполеон е роден како Корзиканец и станува Французин. Целиот спор ми изгледа глупаво – за обете страни тој е голем револуционер, и обајцата го почитуваат, смешно е да се расправаме за него. Друг е болниот момент во нашата заедничка историја, а тоа е времето на бугарската окупација на Македонија за време на Втората светска војна. Тука мора да работиме како Франција и Германија, секој критички да гледа на идеологијата на својата земја – југословенската комунистичка во вашиот случај, несовладливата профашистичка кај нас. Секој мора да преземе дел од вината за овој период, што драматично не разделува, смета тој.
Таквите личности, говорејќи Дичев за Гоце Делчев, се основа на колективниот идентитет и нема смисла да се разгледуваат историски.
-Кај нас, тоа е револуционерот Васил Левски и нема смисла да се дискутира што точно успеал или не успеал да направи, затоа што тој е предмет на религиозен култ. Во оваа смисла, Заев е во право, зошто таквите личности не треба да влегуваат во политички зделки. Оставете луѓето да си го почитуваат, а на кого точно му припаѓа, тоа прашање ми изгледа бесмислено. Чиј е Исус Христос, на Евреите, Римјаните или Грците. Идентитетот е една работа, историјата е друга, политиката е трета, изјави Дичев за Локално.
Проф. Ѓоргиев: Двете гледишта за Делчев мора да постојат паралелно
Македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања ќе одржи состанок на крајот на септември, најави копретседавачот на комисијата од македонска страна, проф. Драги Ѓоргиев.
Во изјава за бугарската ТВ Европа, Ѓоргиев вели дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и дека дијалогот за него треба да продолжи, а за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на С. Македонија со ЕУ смета дека би била „погрешна политичка одлука“ што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји.
За несогласувањата околу Делчев, тој наведува дека треба рамноправно да се разгледуваат македонските и бугарските гледишта за неговиот национален идентитет. Посочува дека токму идентитетските прашања се спорните точки за кои има недоразбирање меѓу двете страни.
– Секогаш ќе има дебати за идентитетот на Делчев, и кај нас и во Бугарија. Ако постои добра волја од двете страни, може да се постигне резултат. Еден начин е мултиперспективноста. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да постојат паралелно. И тоа нема да биде пречка тој да се слави од двете страни, вели професорот Ѓоргиев, цитиран од „БГНЕС“.
Германската канцеларка Ангела Меркел пак, пред неколку недели изјави дека верува дека за време на претседателствувањето на нејзината држава со ЕУ ќе бидат отворени преговорите со С.Македонија.
Наредните две недели во Брисел треба да се финализираат разговорите околу преговарачките рамки за во првите десетина дена да дојдат на дневен ред во Европската комисија.
Никола Поповски