Претседателот Стево Пендаровски, денеска, на свечена церемонија ќе ги одликува Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.
Церемонија на одликување со Орден за заслуги за Република Северна Македонија ќе се одржи во Кабинетот на претседателот во 19:30 часот.
Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан се смета дека ја сочинуваат најоригиналната постава на легендарните „Леб и сол“, култната македонска група која со своето делување ја испиша современата македонска музичка историја.
Првите снимки Етида бр. 3, Деветка и Песна за нас, Леб и сол ги работеле во студиото на Радио Скопје, каде што успеале да ги реализираат за само два часа. Првиот настап надвор од СР Македонија им се случил во април 1977, во Нови Сад (тогашна СФРЈ), каде што настапиле како предгрупа на Драго Млинарец, по што добиле покана за учество на Младинскиот фестивал во Суботица. По освоената прва награда добиле можност за реализација на деби-албум, според договорот со продуцентската куќа ПГП РТБ.
Во мај 2006 членовите на групата го најавија реоформувањето за турнеја од неколку концерти низ Република Македонија, по што беше издаден компакт дискот насловен Live in Macedonia.