Ципрас: Преспанскиот договор-пример за Бугарија и за Србија

од Vladimir Zorba
129 прегледи

Поранешниот грчки премиер и лидер на партијата Сириза, Алексис Ципрас, вели дека без Преспанскиот договор, Западен Балкан ќе беше во многу полоша ситуација, а, како што вели „северниот сосед веројатно ќе беше земја во која што ќе доминираа трети сили“.

Ципрас, кој неодамна беше во Берлин, во интервју за грчката редакција на Дојче веле, на прашањето што би им советувал на колегите од земји како Србија или Бугарија за надминување на тешкотиите и конфликтите кои продолжуваат да опстојуваат во регионот, од аспект на Договорот од Преспа, потпишан со поранешниот македонски премиер Зоран Заев, а којшто во Германија се смета за успешна приказна во грубиот балкански регион, Ципрас вели дека Преспанскиот договор дал голем придонес за стабилноста на Западен Балкан.

-Многу сум среќен и горд на овој Договор, бидејќи тој навистина претставува модел за решавање на споровите заснован на заеднички прифатливи решенија. Ми давате можност да кажам дека доколку го немавме овој договор, Западен Балкан ќе беше во многу полоша ситуација. Европската перспектива немаше да биде одмрзната, а на северната граница на Грција би имале земја која што би потонувала во нестабилност. Веројатно тоа ќе беше земја во која што би доминирале трети сили, но истовремено и земја под исклучително силни притисоци да се приклучи на НАТО со своето поранешно уставно име, рече Ципрас.

Тој ги советува и другите балкански лидери да го следат овој пат, посочувајќи дека продолжувањето на разликите и конфликтите не може да доведе до стабилна иднина во регионот и во никој случај не може да биде дел од европската перспектива, која е единствената перспектива што обезбедува стабилност за балканските земји.

-Значи, мој совет би бил да се следи овој пример, да се седне и да се преговара, како и да се најде пат за меѓусебни отстапки, но и за заеднички чекори напред, вели Ципрас.

Во интервјуто за Дојче веле, на прашањето дали можеби би го признал Косово доколку стане премиер по претстојните парламентарни избори во Грција, Ципрас истакнува дека Грција треба да игра конструктивна улога во напорите за изнаоѓање заемно прифатливи решенија.

-Ги поддржуваме разговорите Косово-Србија или Белград-Приштина и ги поддржуваме сите напори за изнаоѓање заемно прифатливо решение, вели Ципрас.

Слични содржини