Со својата досегашна работа, Consumer Reports се стекнаа со сериозен углед на глобално ниво, посебно поради тоа што негуваат голема независност од компаниите чии производи ги тестираат и оценуваат.
Овој пат, пристигна нивната годишна ранг листа со најдобри возила во десет различни категории, а кога станува збор за „големите“ SUV возила, на врвот на овој сегмент се најде баварски BMW X5.
Новиот X5 е многу поразлично возило во однос на својот претходник, а на професионалците од Consumer Reports толку многу им се допаднал џипот на Баварците, што дури и тврдат дека тоа е еден од најдобрите автомобили кои што некогаш ги тестирала таа куќа.
Според нивното мислење, возењето е удобно и избалансирано, внатрешноста е без непосакуваните звуци, додека завршната обработка е доведена до перфекција. Американците посебно ги пофалија и удобните седишта на новиот X5.
Покрај тоа, BMW може да се пофали дека исто така добро помина и во севкупното рангирање на брендовите. BMW се најде на седмото место зад Subaru, Genesis, Porsche, Audi, Lexus и Mazda.
Посебно важно за BMW е тоа што оваа компанија, на листата на најдобри компании за минатата година, се најде пред главниот конкурент Мерцедес.