Во Црна Гора со денови владееше хаос откако еден граѓанин беше нападнат во Подгорица за време на викендот, а државјани на Турција и Азербејџан беа приведени како осомничени за нападот. По овој инцидент следеа протести во земјата, како и напади врз имотот на турските државјани низ цела Црна Гора. Властите привремено го укинаа безвизниот режим за турските граѓани, и покрај противењето на дел од тамошната јавност.
Спонтан бунт или инсценирана операција?
Во обид да дознаеме повеќе што случи во Подгорица и дали има некаква позадина, „Локално“ зборуваше со политичкиот аналитичар Љубо Филиповиќ. Според него, настаните во Подгорица се ескалација на насилството и вандализмот, што е резултат на еднонеделна кампања на омраза и ксенофобија во медиумите и на друштвените мрежи.
Многумина веруваат дека инцидентите во земјата не се изолирани случаи, туку дел од поширока кампања во која етничката нетолеранција се користи за политички цели. Филиповиќ не може да тврди како факт дека ова била централно планирана операција, односно вели дека нема јавни и убедливи докази за ова достапни за јавноста.
-Сепак, шемата е јасна и позната: политичките и геополитичките актери во регионот претходно користеле етничка реторика и пенетрација во медиумите, религиозните институции и локалните политички мрежи за да влијаат на јавното мислење и политичките процеси. Во оваа смисла, нема причина да се игнорира можноста надворешни актери или домашни мрежи на влијание да го искористат инцидентот за да освојат политички поени, посочува соговорникот од Црна Гора.
Регионални аналитичари се на мислење дека српскиот претседател Александар Вучиќ се одмаздува на турскиот Реџеп Таип Ердоган преку Црна Гора, затоа што Турција потпиша нов договор за воена соработка со Косово, вклучително и продажба и донација на борбени беспилотни летала…Аналитичарот вели дека реакцијата на Белград на испораката на турски беспилотни летала на Косово беше остра и јавна – Вучиќ ја критикуваше Анкара по испораката, а регионалните медиуми објавија зголемени тензии.

Љубо Филиповиќ/Фото: Принтскрин
-Ова не докажува директна команда или наредба за употреба на насилство во Црна Гора, но покажува политички контекст во кој односите меѓу Белград и Анкара се напнати. Сепак, постојат индиции што не можеме да ги игнорираме, тврди Филиповиќ.
Запрашан дали српскиот претседател ја користи Црна Гора како „прокси“ поле за демонстрација на моќ, испраќајќи сигнал дека Србија има инструменти за дестабилизација во непосредното соседство, соговорникот вели дека покрај гореспоменатата испорака на оружје, тука се и вешто прикриените интереси на „режимот на Александар Вучиќ да го попречи патот на Црна Гора кон ЕУ“.
-Вучиќ функционира преку својата база на поддршка во Црна Гора што ја негува со години – политичари, црковни лидери, медиуми, дигитални активисти – сите директно финансирани и/или јавно поддржани од Вучиќ. Новата реалност на Црна Гора е дека овие агенти на влијание сега се дел од системот на моќ во Црна Гора, што претставува дополнителен ризик од ставање делови или цели црногорски институции во функција на неговите интереси, оценува Филиповиќ.
Ако инцидентите во Подгорица се гледаат во поширок контекст, се чини дека нивната порака оди подалеку од границите на самата Црна Гора. Таа е насочена кон Анкара, но и кон други центри. Околу евентуално на кого се му се „обраќа“ Вучиќ, црногорскиот аналитичар смета дека адресите се бројни.
-Прво, до Анкара се испраќа сигнал: испораката на беспилотни летала на Косово го вознемири Белград, па секоја реакција има и таква компонента. Второ, пораката има интрарегионален ефект – се упатува до албанските власти во Приштина, домашната јавност во Србија (за да се демонстрира „мобилноста на влијанието“) и меѓународните актери што ја следат стабилноста во Западен Балкан (ЕУ, НАТО).
Србија го користи српското население во регионот за дестабилизација и контрола на политичките настани во регионот. Причините се едноставни. Редот воспоставен по војните во 1990-тите не ѝ одговара на Србија, која од нив излезе како губитник. Србија сака нов поредок, а за да се постигне ова, стариот треба да се демонтира, заклучува Филиповиќ.
Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ изјави дека ќе бидат активирани сите механизми во рамките на институциите за да се утврди кој стои зад обидот за дестабилизација на Црна Гора, на крајот од процесот на интеграција во ЕУ.
Тој ги осуди заканите упатени до поглаварот на исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ, велејќи дека тоа е напад врз достоинството на почитуваниот верски водач и врз целата муслиманска заедница во Црна Гора.
„Тие, во светлината на сè поизразената ксенофобија, исламофобија, национална и верска омраза и атмосферата на линч што е присутна во последните денови, претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста и фундаменталните вредности на Црна Гора – нејзината мултиетничност, мултикултурализам и граѓански карактер“, објави Ибрахимовиќ.
Тој ги повика надлежните институции итно да ги истражат заканите, да ги пронајдат и гонат одговорните, како и да ја обезбедат безбедноста на Фејзиќ и на секој граѓанин на Црна Гора. Ги повика граѓаните на разумност, воздржаност и мир.
„Во рамките на институциите, ќе ги покренеме сите механизми за да утврдиме кој стои зад обидот за дестабилизација на Црна Гора на крајот од процесот на интеграција во ЕУ. Исто така, им испраќаме јасна порака: Црна Гора ќе остане општество на коегзистенција, демократија и безбедност – и ќе стане дел од Европската унија во 2028 година. Се гледаме во ЕУ“, рече Ибрахимовиќ.
Три вечери по ред, групи граѓани во Подгорица повикуваа на линч и протерување на турските државјани. Евидентирани се и физички напади врз нив и демолирање на кафулиња во сопственост на турски државјани или каде што најчесто се собираат граѓани од турската етничка заедница.
На ова му претходеше инцидент во кој, според Обвинителството, на Подгорица им беа нанесени полесни повреди од страна на граѓаните на Турција и Азербејџан, кои беа уапсени.
Граѓанскиот сектор, граѓанските активисти и дел од партиите го осудија и нападот врз жителите на Подгорица и насилството насочено кон странските државјани, нагласувајќи дека целата заедница не треба да биде стигматизирана поради индивидуална вина. Тие наведуваат дека владејачките партии и десничарските медиуми придонеле за оваа атмосфера. Еден од тие наративи е дека 100.000 турски граѓани се преселиле во Црна Гора која има население од 620.000.
Во меѓувреме, полицијата објави дека всушност има околу 13.400 од нив и дека вкупниот број на странци е 100.000.
Некои тамошни медиуми тврдат дека цела низа околности укажуваат на фактот дека зад ерупцијата на омраза не стои само спонтана реакција на граѓаните, туку многу поширока, организирана и политички мотивирана кампања, што може да се протолкува како порака до Анкара, испратена од Белград, а потенцијално и од Русија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во среда негираше дека стои зад инцидентите насочени против турските мигранти во Црна Гора и додаде дека „немал поим дека ова се случува“. Одговарајќи на обвинувањата од Подгорица дека сака да се пресмета со Турција преку Црна Гора, бидејќи Анкара неодамна испорача беспилотни летала во Косово, Вучиќ рече дека „такво нешто никогаш не му паднало на памет“.
„Тие мора да генерираат нова агенда бидејќи не знаат што ќе понудат освен омраза кон сè што е српско“, рече Вучиќ.
Н.П.