Да за иднината, но што со сегашноста?

од desk2
86 прегледи

Ви пренесуваме дел од колумната на Џабир Дерала за Цивил Медиа:


Ви пишувам од задното седиште од нашата службена канта на четири тркала. На пат сме кон уште еден град, да одржиме уште еден од нашите викенд семинари. Постојано на пат, постојано во комуникација со граѓанките и граѓаните, ние и не сакајќи многу добро го чувствуваме пулсот на општеството. Безброј текстови, предавања и презентации, планови и одлуки се подготвени во оваа наша омилена мини канцеларија на четири тркала. И додека се насладуваме од преубавите пејзажи на нашите источни краишта, неизбежна е уште една констатација – земјата ни е опустена. И ограбена. И работите не се одвиваат во добра насока – најблаго кажано.

Вчера застанав на еден слајд од мојата презентација на кој се набројани состојби од предизборијата во времето на криминалниот режим на Груевски (избирачки список, црна пропаганда и насилство, злоупотреби, корупција…). Додека дваесет и кусур пара очи гледаа во мене, се соочив со сопственото признание дека слајдот е стар три години, дека не сум го менувал воопшто и… дека немам што да сменам во него… Никој од присутните не ми сугерираше што би можел да сменам. Само резигнирано нишнаа со главите, а на паузата ги отворија срцата и ми раскажаа како се живее деновиве во нивниот град. Помина викендот, два семинари, два града, многу разговори. Уште ме мачи тој слајд, непроменет веќе три години…

Разочарување

Луѓето се разочарани и револтирани од многу постапки на партиите, институциите и власта, од (не)вработувањата, од тендерите, од бавноста и неефикасноста, од отсуството на промени, од (под)заборавената правда, од скандали кои се премногу слични на минатото… Успехот на Македонија да се „врати на вистинскиот пат“ и пофалбите од европските и светските лидери не се доволни.

Да, премиерот Заев ги отвори портите кон иднината и со крупни чекори заита кон неа, но неговата влада остана далеку зад него, во непријатната сегашност на неисполнетите ветувања, на очекувањата и разочарувањата. Од луѓето, осиромашени и разочарани, оние што сѐ уште се во Македонија, се очекува да кажат ДА за иднината, но децата бараат леб СЕГА, во сегашно време. Капак на сѐ, тука се и националистите, руските агентури и криминалците што влечат кон мрачното минато, каде што се чувствуваат неприкосновени. Сегашност, распната меѓу светлата европска иднина и мрачното насилничко минато.

Можеби имало и многу недоразбирања и емоции кога се очекувало и итало кон слободата, па така сега има очекувања што немаат врска со реалноста и можностите. Умислените величини од колумнисти, НВО фолиранти и толпата полуписмени и хистерични трагачи по внимание што не се многу различни од про-руските наци тролови, не се загрижени за штетите кои ги прават на целото општество, додека се обидуваат да изнудат некое позицииче од кабинетите на новата власт или, просто, некоја минута онлајн слава.

Маѓепсан круг

И додека се вртиме во маѓепсаниот круг меѓу сништата и реалноста, очекувањата и остварувањата, криминалците и жртвите, роковите течат. На листата од неволји мора да се додадат мрзливоста и неспособноста. Еден од најкрупните национални проекти со историско значење за Македонија – Референдумот – останува да биде измешан со чувства, мисли и постапки што немаат врска едно со друго.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.