„Дали и ти си мигрант?” – изложба на Дарко Талески во КИЦ во Софија

од desk4
226 прегледи

„Дали и ти си мигрант?” е насловена изложбата на Дарко Талески која ќе биде отворена вечер во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. Авторот Талески ја пренесува приказната на пет локални прилепски уметници поврзани со темата миграција.

Покрај него, уметници чии приказни се пренесени во анимираните постери се и Васил Костов, Лепа Милошевска, Јасмина Руневска и Ферди Булут. КИЦ соопшти дека идеите и концептите за прифаќање и разбирање на другиот и понатаму го поттикнуваат уметникот да создава и твори.

– Стремејќи се кон севкупно опфаќање на сложената тема – миграцијата, во изложбата „Дали и ти си мигрант?“ Талески се обидува да ја прераскаже животната приказна на неколку прилепски уметници, со надеж дека темата ќе ја приближи до сите нас. Пред се, мотивот на уметникот е да ги поттикне и да ja разбуди емпатијата и сочувствителноста претствувајќи ги, преку колажи од фотографии, пишани извори, писма и изјави, животите на пет прилепски уметници во форма на постери, кои гледачот може индивидуално да ги доживее со користење современа технологија и можностите на продолжената реалност, наведува македонскот КИЦ во Софија.

Талески е ангажиран уметник бидејќи во своето  творештво реагира на карактеристични и несекојдневни ситуации и зборува во име на немоќните. Како реакција на светската бегалска криза, Талески создал видео насловено „Да им помогнеме на бегалците“. Неговиот едноминутен филм „Носталгија за уметност“ е прикажан во Институтот за уметност во Берлин, на Торонто урбан Филм фестивал и во Музејот на современа уметност во Тајпеј.

Талески е роден во Прилеп. Завршил факултет за ликовна уметност во Велико Трново, Бугарија, каде што и магистрирал медиум и реклама во 2006 година. Од 2005 работи како наставник по ликовно образование. Има учествувано на повеќе изложби во земјава и низ светот.  Од неодамна почна да го користи и своето тело како медиум за ликовно изразување, цртајќи на сопствената кожа.

Слични содржини