Во серија од три дела, го обелоденуваме начинот на кој медиумите ги покриваа терористичките напади низ целиот свет, како медиумите влијаеа врз народните маси преку ширење на лажни вести и дезинформации, пишува Ф2Н2. Западните медиуми дури беа и критикувани поради пристрасниот пристап при известувањето за терористичкиот напад во Нов Зеланд, разоткривајќи го на тој начин двојниот стандард на меѓународните медиуми. Ви го претставуваме третиот дел од оваа серија и во овој последен дел зборуваме за истражувањето спроведено од страна на истражувачкиот центар Пју, кое даде изненадувачки резултат, наведувајќи дека половина Американци повеќе се плашат од лажните вести отколку од терористичките напади.

 

Тоа не е грешка на новинарите, но тие треба да го поправат тоа!

Многу Американци велат дека создавањето и ширењето на измислени вести и информации предизвикува значителна штета за нацијата и дека тоа мора да се сопре, според новото истражување на истражувачкиот центар Пју на 6.127 возрасни лица спроведено помеѓу 19 февруари и 4 март 2019 година, на Панелот за американски трендови во Центарот. Навистина, повеќе Американци сметаат дека измислените вести се многу голем проблем за земјата, отколку што на тој начин ги идентификуваат тероризмот, илегалната имиграција, расизмот и сексизмот. Дополнително, скоро 7 од 10 возрасни лица во САД (68%) велат дека измислените вести и информации во голема мера влијаат врз довербата на Американците во владините институции, а околу половина (54%) велат дека тоа има големо влијание врз нивната меѓусебна доверба. Јавноста издвојува две групи луѓе како главни извори на измислени вести: политички лидери и активистички групи. Скоро шест од десет возрасни Американци во САД (57%) велат дека политичките лидери и нивниот персонал продуцираат многу измислени вести, а околу половина (53%) велат дека истото се однесува и на активистичките групи. Иако Американците не ги гледаат новинарите како водечки допринесувач за измислени вести и информации, 53% сметаат дека имаат најголема одговорност да го намалат тоа – многу повеќе од оние кои велат дека обврската главно паѓа врз владата (12%) или технолошките компании (9%).[1]

 

Луѓето треба да преземат акција

Речиси четири од десет Американци (38%) велат дека често се среќаваат со измислени вести и информации, а други 51% велат дека понекогаш се среќаваат со такви. Со оглед на нивната загриженост за измислените вести, Американците исто така ги сменија своите навики за вестите и технологијата. Скоро осум од десет (78%) велат дека самите ги проверувале фактите од вестите. Околу шест од десет (63%) престанале да добиваат вести од одредени медиуми, околу половина (52%) го смениле начинот на кој ги користат социјалните медиуми и околу четири од десет (43%) го намалиле нивниот вкупен внес на вести.

Загриженоста за измислените вести, исто така, влијаеше на тоа како возрасните во САД комуницираат едни со други. Половина велат дека избегнувале да разговараат со некого, бидејќи мислеле дека тоа лице ќе внесе измислени вести во разговорот. Во дигиталната сфера, половина од корисниците на вести на социјалните мрежи престанале да следат некого што го знаат, бидејќи мислеле дека лицето објавува измислени вести и информации, а истиот процент престанале да следат вести поради оваа причина.[2] Иако анкетата јасно покажува дека јавноста е свесна дека постојат лажните вести, сепак тие не знаат што е решението; тие сметаат дека треба да има позасилена акција ориентирана кон решавање на проблемот, со цел да се справи со “најголемата закана” во светот – лажните вести.

……………………………………………………………………………………..

Мерал Мусли Тајроска – Психолог, експерт за насилен екстремизам и радикализам, активист за правата на жените

F2N2