„Овa „поглавје“ на ВМРО–ДПМНЕ одамна е прочитано и тука нема никаква новост. Единствено што недостига е Никола Груевски. Албанија веќе ги отвори последните поглавја во процесот на преговори со ЕУ. Извештајот на Европската комисија е јасен: Албанија се движи со „невиден интензитет“. Има постигнато значителен напредок во правосудството, во борбата против корупцијата и во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ. Овие достигнувања се потврдени од Брисел, не се политички став, туку официјална оценка. Споредбата со земја која е толку напред во преговорите претставува само избегнување на реалноста“ – ваков е ставот на новинарот и член на кабинетот на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, Џенис Сулимани во однос на тврдењата на членови на Владата дека Македонија е далеку пред Албанија односно Македонија би ги престигнала Албанија и Црна Гора на патот кон Европската унија доколку утре би ги почнала преговорите.
Според него, Извештајот на ЕУ за Македонија е сериозно предупредување. Во разговор за „Локално“, истакнува дека земјата останува само делумно подготвена во борбата против корупцијата, немаме никаков напредок, препораките од минатата година се уште не се адресирани, а случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се влечкаат.
-Трагичниот настан во Кочани и скандалот во Антикорупциската комисија ги разоткрија структурните слабости кои не можат да се релативизираат преку споредби со соседите, вели Сулимани, посочувајќи дека наместо стагнацијата да се оправдува со тоа дека „и другите имаат проблеми“, Македонија треба да се мери со стандардите што самата си ги поставила.
-Процесот на членство во ЕУ не е натпревар со Албанија, Србија или Црна Гора, тоа е натпревар со времето, со потребните реформи и со институционалниот кредибилитет кој мора да се врати, потенцира соговорникот.

Фото: Принтскрин
Во понеделникот, Албанија ги отвори преговорите во последниот од вкупно шест преговарачки кластери, кои ги опфаќаат земјоделството, кохезиската политика и буџетот. Албанија е земјата што најбрзо напредува во пристапните преговори. За 13 месеци, таа ги отвори сите шест преговарачки кластери. Според новата методологија на пристапните преговори, 35 преговарачки поглавја се поделени во шест тематски единици односно шест кластери. Така, преговорите повеќе не се отвораат во поединечни поглавја, туку во кластери, што не е случај при затворањето, каде што секое поединечно поглавје сè уште се затвора одделно.
По отворањето на сите преговарачки кластери, следниот чекор е исполнување на привремените одредници во воспоставениот кластер, кој ги опфаќа правдата и внатрешните работи, што е услов за затворање на другите преговарачки поглавја. Албанската влада постави цел да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година.
„Албанија е најдобриот пример за трансформативната моќ на проширувањето. Таа е инспирација за многу земји од Западен Балкан“, рече комесарката за проширување Марта Кос.
Албанија доби статус на кандидат за членство во 2014 и требаше во пакет со Македонија да ги почне преговорите, но нивните процеси подоцна беа одвоени откако Бугарија ја блокираше Македонија поради историскиот и јазичниот спор. Тирана го отвори првиот кластер од преговорите во октомври лани, што значи дека ги отвори сите за нешто повеќе од една година.
Во последниот извештај на Европската комисија за проширувањето, Албанија доби најповолни оценки, заедно со Црна Гора. Во него беше наведено дека таа би можела да ги заврши преговорите до 2027 и да стане членка до 2030.
Н.П.