Македонија пред два дена ја одбра Америка во Генералното собрание на ОН – потег кој се уште привлекува внимание во јавноста. Како земја бевме коспонзор на резолуцијата којашто беше американски предлог и истата, пак, е усвоена од Советот за безбедност на ОН. Во Резолуцијата на САД се повикуваа на брз крај на конфликтот и траен мир помеѓу Украина и Руската Федерација. Америка во документот не ја споменува инвазијата на Русија врз Украина. Сепак, особено внимание привлече потегот да бидеме „воздржани“ за резолуцијата на Украина и ЕУ, со која се осудува агресијата на Москва и покрај Унгарија, бевме единствената земја од Европа која не го поддржа овој документ. Притоа, и Белорусија од стариот континент гласаше „против“.
За аналитичарите во земјава, неспорно е дека ваквиот потег на Владата ќе биде запаметен од европските партнери, бидејќи овие резолуции се одвиваат на јавна сцена, а гласањето „за“, „воздржан“ и „против“ исто така е јавно. Според Ненад Јовановиќ, премиерот Христијан Мицкоски води политика која се нарекува, како што вели, „ни змија ни магаре“.

Ненад Јовановиќ
-Со самото тоа што на Резолуцијата гласале „воздржано“, мене ми кажува дека повторно се кокетира и не се зазема став за Украина. Кој е нивниот став за Украина? Да нема војна? Па, тоа секој човек на светот го посакува, ама со оваа Резолуција поднесена од Украина до ОН, вие ако гласате „За“, тоа значи дека ја признавате Украина како суверена и своја држава; ако гласате „воздржано“, вие де-факто ја поддржувате Руската агресија кон Украина, а ако гласате „против“, како што гласаа американците, вие со тоа јасно ја препуштате Источна Европа на Русија со сите нејзини помали или поголеми сателити, истакнува Јовановиќ во изјава за „Локално“.
Сега, додава тој, прочитајте ги моите објаснувања, ќе видите што премиерот изгласал и што спонзорирал.
-Но, да не се правиме наивни. Политиката на Мицкоски од никогаш не била Европска. С.Македонија полека, но сигурно, се откажува од Европа, а тоа е изолација на земјата. Америка е предалеку, Европа ја отпишуваат и ни останува кој? Останува Русија, тврди Јовановиќ.
Сличен став има и политикологот Кристијан Фидановски. Потенцира дека застанавме на иста страна со Трамп, Орбан и Нетанјаху.
-И со Вучиќ, секако, еве изјавил дека се пишманил. Партија што дојде на власт ветувајќи дека нема да „витка кичма“, успеа во исто време да одигра ем непринципиелно, ем контра клубот во кој демек сака да влезе, ем лузерски. А автоголот е двоен, бидејќи гласањава покажуваат дека не секогаш им пречи кога поголемиот брат го присвојува помалиот од што многу го сака, кратко објаснува Фидановски.
Премиерот вчера даде подетално објаснување за одлуката во ОН. Изјави дека Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и дека овој однос не е нарушен од коспонзорството за американската резолуција. Мицкоски истакна дека Македонија секогаш ќе биде усогласена со ЕУ, но дека кога станува збор за резолуцијата за Украина, таа застанала на страната на својот стратешки партнер – САД.
Тој објасни дека земјата донела добра одлука, бидејќи Советот за безбедност ја усвои резолуцијата на САД, што значи, како што посочува, дека е спроведлива.
„Нашиот став кога станува збор за координирана надворешна политика на ЕУ е јасен, не треба да има сомнеж дека секогаш ќе бидеме таму бидејќи ја координиравме нашата надворешна и одбранбена политика заедно со Европската унија, но во овој случај не беше така. Застанавме зад резолуцијата и бевме коспонзори на резолуцијата на САД, која е единствена резолуција усвоена од Советот за безбедност, што значи дека е применлива“, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.
Дел од јавноста смета дека коспонзорството на Македонија на Резолуцијата на САД е несомнено дипломатско харакири на ВМРО ДПМНЕ. Според новинарот и политички аналитичар, Љубиша Николовски, де факто со дозвола во текстот на Резолуцијата да не стои дека Русија извршила агресија врз Укарина, „ги поткопуваат позициите на Македонија и оставаат простор истата судбина на Украина да ја доживее и Македонија од страна на пример на Бугарија која исто така како и Русија смета дека оваа територија е бугарска, дека тука живеат Бугари и дека има право да ја анектира“.
Со загриженост се огласи и екс-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски поради „воздржаноста“ на Македонија на двете резолуции. Жерновски смета дека „останува горчливиот вкус дека веќе ни се смеат од различни страни на светот и се подбиваат со нас“.
Жерновски за македонската „воздржаност“ во ОН: Има ли пилот во авионот?
Според професорот и дипломат, Денко Малески „да се направи непријател од Америка е многу лошо, вклучително и за нас кои сме мала држава, но да се стават сите надежи во односите помеѓу две држави на лични контакти и пријателства може да доведе до грешки кои нас може многу скапо да не чинат“. Според него, воздржаност при гласање на резолуцијата на Обединетите Нации за Украина, која беше поддржана од Европската Унија, треба да се преиспита од страна на политичките фактори во државата, бидејќи според него од стратешко значење за нас како државава е да бидеме на страна на Европската Унија.
Малески: Од стратешко значење за нас како државава е да бидеме на страна на Европската Унија
-Владата гласаше целосно усогласено со САД. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика на владата не е ништо друго, освен извор на љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг, рекоа вчера од ВМРО-ДПМНЕ за гласањето во ОН за војната во Украина. Владеачката партија обвини дека „СДСМ лажно се претставуваше прозападна партија, а всушност е партија на комунисти“.
Ваквиот став следува откако СДСМ обвини дека Владата направи аматерски потези преку надворешната политика со начинот на кој гласавме во ОН. Се посочува дека Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД.
-Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија, велат од „Бихаќка“.
Н.П.