Дали основни продукти без ДДВ е соодветно решение? „Секое укинување на данокот значи и намалени приходи за државата наменети за јавни услуги и инвестиции“

од Nikola Popovski
53 прегледи

Економистите поделени за предлог-решението на СДСМ за измени во Законот за додадена вредност со кој се пропишува ослободување од оданочување со ДДВ за основните производи за исхрана. Дел од нив се апсолутно против и сметаат дека тоа е надвор од системот и во суштина е спротивно на целите и суштините на ДДВ. Ваков е ставот на даночниот експерт Славко Лазовски. Во разговор за „Локално“ вели дека ДДВ треба да е брз, лесен, без конфликти, со мали трошоци, а не да се создаваат дилеми дали еден производ е храна или не.

-На пример која е границата меѓу пециво или леб? 250 грама, а ако лебот е над 2 килограми, не е леб…Сакам да кажам дека ДДВ во суштината е да служи на бизнисот, а владата да ги крене рацете од данокот. Сакаме да градиме систем по теркот на ЕУ или наш систем? ДДВ има цел да оданочи се, па ако треба корегирај се по пат на враќање. ДДВ не знае да води социјална политика. Треба да му овозможиш да собереш доволно пари и да дадеш на тие што знаат да водат социјална политика. Ти преку механизмот на ДДВ го ослободуваш и тој што не треба да го ослободуваш, објаснува Лазовски.

На констатацијата на опозицијата дека овој закон не може да се изигра од трговците, како што го сторија пред да се воведе есенската кошничка, соговорникот вели:

Славко Лазовски

 

-Како ќе ги изиграат трговците? Ослободувањата во суштина значат правила. Секој вид на данок има главни и споредни елементи. Еден од главните елементи е ослободувањето и олеснувањето. Точно е дека мајсторијата или ефикасноста на даночната политика е во овој инструмент. Сите други главни или споредни елементи можат да бидат исти. И нашиот ДДВ може да биде ист како оној во Германија, само овој дел во даночните оллеснувања, не оставија даночните експерти сами да ги определиме производите, прометите и настаните кои треба да бидат ослободени. Тука е умешност. Се можеш да копираш од други земји, а ова не можеш. Најмногу се прават злоупотреби и промашувања со овој главен елемент, ни рече Лазовски.

Дециден е дека ослободувањето кај даноците има цел не за да награди или му олесни, туку да му овозможи во одреден временски период да зајакне како даночен извор и потоа го оданочувам како и сите други.

-Целта е како и сите други, а не да правам остапки. Ако премногу се задржам во ова даночно ослободување, некој субјект…од социјализмот излеговме со куп ослободувања за рударството и земјоделците. Кои бранши ни се покажаа како најслаби? Токму тие на кои им даваш ослободувања. Ова е исто како на дете да му кажеш не читај, не се усовршувај, не се мери со другите, туку уживај и ослободувај се. Што правам од него? Неспособен кој не може да се мери со другите врсници низ општеството, додава даночниот експерт.

Според Лазовски, многу е опасно кога употребуваш ослободување за група на производи.

-Пракса која ќе покаже дека во таа група на основни прехранбени производи, спаѓаат триста други работи. ДДВ е тој што треба лесно и со најмали трошоци на двете страни, и на увозникот и на даночното тело, да собере пари и да ги стави во Буџетот и да даде пари на некои што знае да остварува одредени цели – во социјалата, здравството, спортот, политиката итн. Ние во Договорот за стабилизација и асоцијација сме се обврзале дека ќе спроведеме реформи, меѓутоа тие ќе ни личат даночен систем на земјите-членки на ЕУ. Личи ли ова на даночното право на ЕУ? Некој нашол таму вакво ослободување? Токму напротив, ДДВ носи пари во Буџетот и потоа да одат на целна група, а не генерално ослободување за сите за храна. Тоа не е помош. Не знам кому му паднало на памет на некого. Мора има реформи како во ЕУ. Најлесно е промашување во овој елемент на данокот, заклучува соговорникот.

Од друга страна, дел од експертите сметаат дека предлогот за укинување може да има позитивно влијание врз буџетот на домаќинствата, особено за поранливите категории на граѓани, кои би можеле да заштедат месечно од 1.200 до 2.000 денари. Според, поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, оваа мерка, во контекст на актуелната инфлација и растечките трошоци за живот, може да го намали притисокот врз граѓаните и да придонесе за краткорочно подобрување на куповната моќ.

Кирил Миноски

-Сепак, пред да се донесе конечна одлука, треба да се анализираат и ефектите врз приходите на државниот буџет, бидејќи секое укинување на данокот значи и намалени приходи за државата кои се наменети за јавни услуги и инвестиции, објаснува Миноски во разговор за „Локално“.

Во однос на имплементацијата на мерката, додава тој, останува предизвик да се осигури дека намалувањето на данокот навистина ќе доведе до пониски цени на производите, а не само до зголемување на маржите на трговците.

-Искуствата од претходните мерки, како „есенската кошничка“, покажуваат дека за да се обезбеди директен ефект, потребен е засилен мониторинг и регулација. Владата може да разгледа и дополнителни механизми за следење на цените, што ќе овозможи потрошувачите реално да ја почувствуваат оваа поддршка. Мерките со „кошничките“ кои обезбедуваат селекција на основни прехранбени производи на пониски цени во специфични периоди, се интересен пристап за поддршка на граѓаните за време на празнични сезони, истакнува Миноски.

Сепак, ваквите мерки, смета тој, имаат ограничено времетраење и можат само привремено да го ублажат товарот врз буџетот на граѓаните.

-Долгорочно, ваквите мерки би можеле да имаат значајна улога само ако се дел од поширок пакет за стабилизација на цените и заштита на животниот стандард. Бидејќи ваквите иницијативи најчесто имаат позитивен прием, тие можат да се разгледаат како дел од систематски пристап за поддршка, објаснува Миноски.

Најголемата опозициска партија СДСМ до Собранието поднесе законски измени со кои ќе се укине ДДВ-то на прехранбените производи кое во моментов изнесува 5 отсто. Пресметките на СДСМ се дека заштедата на едно семејство во месецот, доколку измените се прифатат би изнесувала до две илјади денари. Владеачката ВМРО – ДПМНЕ останува на сатвот дека доколку има ново поскапување ќе има нови и поригорозни мерки а предлог законот на СДСМ го окарактеризираа како демагогија и најавија дека нема да го поддржат.

Во март 2022 година, сите маркети кои продаваа леб, брашно тип- 400, млеко со масленост од 2%, 3,2% и 3,5 % масленост, бел шеќер, сончогледово масло, месо и други кланични производи за јадење, бел ориз, и јајца мораа да ги прилагодат фискалните апарати. Тоа значеше дека сите продажни објекти кои ги продаваат погоре споменатите производи при малопродажба, потребно е да издаваат фискална сметка со даночна стапка од  0%, односно со ознака „Г“ за добра и услуги кои се ослободени од Данокот на додадена вредност.

Н.П.

Слични содржини