Кинеските ученици може да носат „капи од еден метар“ за да одржат физичко растојание во училница откако се вратиле на училиште по тримесечниот карантин поради пандемијата на коронавирус.
Идејата за капи од еден метар ја предложи едно основното училиште од Хангжу во провинцијата Џеџијанг во источна Кина. На снимката, направена во ова училиште, се прикажани деца со рачно изработени капи со продолжени краеви од обете страни, пишува Дејли Меил.
Директорот на училиштето Хонг изјавил дека капите ќе им помогнат на учениците да се оддалечат едни од други.
„Ги охрабруваме нашите ученици да носат капи долги од еден метар за да бидат оддалечени најмалку еден метар“, им рече Хонг на новинарите.
Наставниците ги замолиле децата да направат капи со своите родители пред да се вратат на училиште. Од децата во ова училиште било замолено да немаат физички контакт со своите врсници и да не ги допираат своите капи.
Сите училишта во Шангај, со население од 24 милиони, мораа да донесат нови, строги правила за да спречат втор бран на пандемијата. Училишните власти мора да им обезбедат на секој ученик и наставник по една маска на ден и да ги дезинфицираат кантините, училниците и јавните тоалети..
„Училиштата исто така треба да инсталираат инфрацрвена опрема за термометар за да внимаваат на температурите на учениците што влегуваат во објектот, доколку има повеќе од 100 студенти на кампусот“, изјавил официјален претставник на Комисијата за образование на Шангај, Лу Џинг.
На учениците во Пекинг, кои бројат над 21 милиони луѓе, мора да им се измери температурата на влезот во училиштата. Исто така, според Министерството за образование, студентите мора да имаат „зелен“ здравствен код на апликација со која се пресметува ризикот од инфекција на поединецот.
Кинескиот весник „Пиплс Дејли“ објавил дека скоро 50.000 ученици во последната година од средното училиште продолжиле да живеат на кампусот во понеделникот, на 254 училишта во главниот град.