Пентагон намерно го забавува процесот на намалување на американското воено присуство во Германија, што го најави претседателот Доналд Трамп, пишува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на свои извори, пренесува РИА.
Трамп претходно објави дека ќе го намали бројот на американски војници во Германија за 9.500, односно ќе останат 25.000.
Според угледниот весник од Вашингтон, ќе биде потребно извесно време армијата да се повлече, а за реализација на овој план, на Трамп му е потребна помош од Пентагон.
Сепак, Министерството за одбрана практично ја игнорира намерата на претседателот.
„Без оглед што мислите за индивидуалните аспекти на повлекувањето на силите од Германија, нема ништо херојско во тоа намерно игнорирање на намерите изразени од претседателот“, вели изворот на „Вашингтон пост“.
Во моментот во Германија се распоредени 34.500 американски војници. Намерата за повлекување на трупите од Германија е последица на фактот дека Германија, како што вели самиот Трамп, и плаќа на Русија милијарди долари за енергија, а САД се должни да ја штитат од истата Русија.
Слично е со повлекувањето на војниците од Авганистан
Весникот констатира дека слична ситуација се случува со повлекувањето на американските сили од Авганистан.
Белата куќа сака да повлече илјадници американски војници кои се уште се во таа земја пред изборите, со цел да се исполни едно од предизборните ветувања на Трамп.
Пентагон, како што е наведено во статијата, спречува реализација на тој план на различни начини.