Три акции на МВР и Обвинителството во два дена. Најпрвин разбиена е терористичка ќелија. Приведени се четворица, тројца од Гостивар и еден од Струга. Сите со идеолошка матрица на ИСИС – информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Планирале терористички напади на цивилни цели и јавни објекти во Македонија, но и пошироко. Судија на претходна веќе постапи по предлогот на Основното јавно обвинителство и одреди 30 дневна мерка притвор.
Сузбиена е и 18-члена криминална група од скопското подземје. Од нив осуммина се приведени. Тие подолг временски период се вклучени во кривични дела со насилен криминал, трговија со оружје, изнуда и убиства, меѓу кој и убиството во Шиша бар. Со оваа акција на полицијата, Тошковски најави расчистување на седум убиства. Дел од членовите на овие групи успеале да им избегаат на органите на прогонот, по претходна дојава. Министерот им порача на т.н. нечесни полицајци дека со нив ќе се постапува исто како со криминалци. Истото се однесува и за тие кои ги координирале, откако ќе бидат обезбедени докази.
Третата акција се однесува на Државната лотарија, иако немала дозвола за електронско и интернет коцкање си купила апарати. Обвинителството отвори истрага за проневера на над 8 милиони евра. Кривични пријави се поднесени против шестмина, меѓу кои поранешниот вицепремиер Артан Груби и неговиот тогашен шеф, премиерот Димитар Ковачевски, како и за екс-директорот на лотарија Перпарим Бајрами. Докази, со судски налог се собираа на 9 локации во Скопје и кумановско, меѓу кои и домот на Груби. Поранешниот вицепремиер преку социјалните мрежи порача дека е на Косово, но ќе се врати дома. На тоа го повика и министерот Тошковски.
Интегративците преку соопштение ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да престане со, како што велат, инструментализација на институциите. Премиерот, пак, порача дека сите криминални случаи ќе бидат обелоденети. МВР ќе проверува и како Груби отишол на Косово. Иницијално се утврдени пропусти во работата на граничната полиција.
Дел од јавноста ги поздравува ваквите дејствувања, додека дел се скептици и сметаат дека Груби избегал од државата во договор со власта. Вака барем обвинија од опозициската Левица дека екс-вицепремиерот добил дојава. Аналитичарите се убедени дека сега веќе поранешниот функционер на ДУИ избегал од земјава.
-Според начинот на кој ја напуштил државата, се повеќе дава сомнеж дека напуштањето на државата не е посета, туку бегство или форма на купување на време и прегрупирање. Обвинението кое постои е за тема која ја тресеше јавноста повеќе од година и кусур. Така да, ќе видиме дали и овој случај ќе се процесуира до крај или некој ќе се обиде да го забошоти и релативизира. Ако сакаме функционална држава, за промена, ќе мора да има одговорност за сите и конфискација на се што е незаконско или не може да се потврди потеклото. Нели сакаме во ЕУ? Без правда, и правна држава, нема ЕУ, вели политичкиот аналитичар Александар Ристевски во разговор за „Локално“.
Во однос на констатациите на Тошковски за постоење на нечесни полицајци, Ристевски оценува дека постојат и политичари кои се доушници на обвинетите за сторени дела.
-Дефинитивно. Тоа не секој обичен човек му е јасно, а камо ли на некој кој е подетално запознаен со состојбите. Многу често во минатото разлика помеќу она што е политика и она што е организиран криминал немало разлика. Се преплетувале исти луѓе, шеми, екипи. Прашање е дали некој ќе смогне сила на сето ова да се стави точка и крај. Ќе видиме. Иако, сево ова раздрма работи. Порозноста на системот и ликови кои си земаат за право да пробиваат акции на полицијата, исто ќе мора да бидат санкционирани и трајно отсечени од системот, објаснува соговорникот.
На прашањето дали ова е вистинската борба против криминалот и корупцијата за која со години зборуваме, Ристевски тврди дека има добар почеток, но, да оставиме да видиме како ќе се одвиваат работите.
-Констатацијата ќе ја модифицирам: МВР почна со вистинска борба. Да видиме дали обвинитеството, а посебно судството ќе следат. Генерално, најголемото незадоволство е од нивната работа. Ќе мораат и тие да потврдат дека имаат намера да спроведат правда и ред, ни рече аналитичарот.
Според новинарот и политички аналитичар, Дритон Зенку, постои друга теорија за последните полициски акции против видни функционери. Вели дека не сака да отвори сомнеж за теоријата – „големите риби секогаш бегаат“, но, според него, тоа се фактите.
-Дали апострофираните челници ќе се вратат во земјава не можеме да претпоставиме, но оние на кои им е дозволено да избегаат, мислам дека свесно не би се вратиле за да завршат зад решетки. Го имаме случајот со поранешниот премиер Никола Груевски, кој го зацврстува ова убедување. Кога јавноста гледа такви отстапки, видливо бледнее довербата во борбата против криминалот и корупцијата, вели Зенку во разговор за „Локално“.
Дециден е дека не може да има нормална демократска држава и општество кое не би било за борба против криминалот и корупцијата. Соговорникот појаснува дека проблемот се јавува во доследноста на државните институции во државите со нестабилни демократии како што е земјава.
-Имавме влади кои дојдоа на власт во име на борбата против овие појави и на крајот видовме дека протагонистите завршија инкриминирани. Знаеме како заврши Специјалното јавно обвинителство. Со право, луѓето се сомневаат и немаат силна верба во институциите. Да се надеваме дека овој пат ќе биде поинаку, а не само расчистување на земјата и формирање на нови групи, без разлика дали се политички или подземни групи, анализира Зенку.
Двајцата аналитичари се согласуваат дека соработката меѓу криминалот и институциите е голем проблем. Зенку потенцира дека не е можно групите да дејствуваат без знаење и поддршка на круговите на моќта.
-Ова се случува насекаде во светот, и е сериозен блокатор за борба против криминалот. За да бидеме ефикасни, мора да имаме здрави институции и интеракција меѓу двете власти – судската и извршната. Ако една од алките не функсионира како целина, не може да има целосен резултат, заклучува новинарот.
Н.П.