Дали проектот „Јадар“ за ископ на литиум во Србија ќе го придвижи пасивниот однос кон рударството во Македонија?

од Nikola Popovski
5,4K прегледи

Какво е значењето на Меморандумот за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила кој денеска беше потпишан во Белград меѓу Србија и ЕУ врз нашиот регион и дали можеби Македонија во одреден аспект ќе има одреден бенифит? Проценките допрва ќе се прават, а она што во меѓувреме почнува да се наметнува како срамежлив оптимизам е дека ваквите процеси во Србија многу лесно можат да се пресликаат и кај нас.

Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип, Ѓорѓи Димов, во изјава за „Локално“ посочува дека и Македонија има стратешки минерални суровини, односно има бакар во значителни количини, не за светски услови, но доволно за Европа и Балканот.

„Имаме значајни количини од овој стратешки, а критичен минерал. Оксфордската студија тврди дека сите количини бакар што досега сме ги ископале, треба да ги ископаме во следните 30 години за да имаме зелена транзиција. За да направиме доволно електромотори, ветерници, фотонапонски панели, во следните три децении мора да ископаме количини на бакар колку што се ископани во последните 2000 година. Едноставно, ако актот за критични минерални суровини од Европа се преслика во земјите од ЈИЕ и го прифатиме и транспонираме во нашето законодавство како таков, едноставно ќе имаме голем економски бенефит“, вели Димов.

Ѓорѓи Димов

Анализирајќи го целиот контекст на проектот „Јадар“ како најголемо лежиште на литиум во Европа и кој континуирано е следен со протести на дел од екологистите кои предупредуваат на негативни последици по животната средина, деканот Димов одговара и на дилемите дали истиот може да се преслика и на ситуацијата кај нас, околу рудникот Иловица.

„Во светот, во сите демократски земји и развиени економии важи правилото „not in my back jard“ или „од каде сакате набавете го, само не копајте кај нас”. Тој принцип во најмала рака е дискриминарачки бидејќи оние кои што се против тие рудници, најмногу користат автомобили, телефони, компјутери, уживаат во плодовите од експлоатацијата на минералните суровини, а не сакаат истите да се експлоаираат во нивниот двор“, вели Димов.

Ваквиот став според него бил разбирлив во минатото кога значително се загадувала животната средина но не и денеска, кога треба да ги следиме примерите имплементирани во високо развиените држави како што се Финска, Норвешка, Шведска, Португалија.

„Треба да ги пресликаме праксите како таму се користат минералните суровини, како во процесот на експлоатација се врши силен мониторинг, рекултивација, и се користат нови технологии кои се во насока на заштита на животната средина. Треба да се најде начин како може ефикасно да се искористат потенцијалите на нашата држава и да направиме одговорно рударство со оптимизација на сите аспекти во работата а мислам дека можеме да направиме рудник со нула емисии“, вели Димов.

Токму потребата од менување на работите кај нас, што во случајов би значело „размрдување“ на состојбите во рударството, ја акцентира и Николајчо Николов, поранешен претседател на Македонската Асоцијација за Рударство (МАР) . Во насока на потпишувањето на овој договор за нас не може да има некакви импикации, смета тој, освен одлив на ионака дефицитарната рударско-геолошка струка.

Николајчо Николов

„Бидејки се формираше долгоочекуваното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, очекувам дека новата министерка ќе смогне сили да изгради јасна стратегија за иднината на рударството во нашата земја. Во нашата земја за послените 40 години е отворен само еден рудник за ископ на бакарна руда -Боров Дол -Бучим Радовиш. Мое мислење е дека еколошката страна е само една и мора да се има предвид и економската страна“, вели Николов за „Локално“ .

Како поткрепа на тезата ги посочува истражувањата според кои неконтролираната употреба на пестицидите во земјоделието и овоштарството се најголеми загадувачи, што според него е показател дека е потребно трезвено да се проанализира целокупната стреатегија за зачувување на животната средина, но исто така и економијата.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ по потпишувањето на Меморандумот за разбирање за стратешкото партнерство меѓу Србија и Европската Унија изјави дека ЕУ ќе ги почитува највисоките еколошки стандарди, што е во пракса првото нешто кога станува збор за критичните суровини и батериите. Според него, ЕУ ја има најсеопфатната регулаторна рамка во светот за оваа област, што подразбира дека секоја батерија што ќе влезе на пазарот на ЕУ ќе има дигитален пасош каде јавноста ќе може да пристапи до сите информации од типот дали се исполнети еколошките и социјалните стандарди на батеријата.

К.В.С.

Слични содржини