Дали Ристоска се „елиминира“ во атмосфера на политички притисок: „Функцијата државниот јавен обвинител ризикува да стане формален избор, наместо суштински столб на правната држава“

Случај Ристоска и трката за нов републички обвинител: „Со секоја изјава Мицкоски од позиција на премиер докажува дека Македонија нема фактички функционално Собрание“

од Nikola Popovski
51 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

По последното интервју на премиерот Христијан Мицкоски во кое изјави дека од четирите предлог имиња за државен јавен обвинител од страна на Советот, на владината листа се само три, односно не и бившата обвинителка на СЈО, Ленче Ристоска, таа реагираше и вели дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.

„Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, стои во реакцијата Ристоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се бара интегритет, а не подобности како десна рака на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева. Има јасни критериуми, а она на што е таа навикната не се едни од нив.

Дали со ова се докажува дека немаме Парламент и дека премиерот самиот си избира фаворит?

За дел од јавноста, изјавата на премиерот дека одредено име „не е во игра“ создава впечаток дека политичката волја стои над институционалната постапка. Според Мартин Тасевски, магистер по казнено право и истражувач за владеење на правото, кога извршната власт однапред сигнализира кои кандидати се неприфатливи, тоа ја поткопува довербата во процесот и ја релативизира улогата на Собранието и на Советот на јавни обвинители кои како професионално тело сметам дека во овој случај не беше на висина на својата задача.

-Венецијанската комисија јасно нагласува дека обвинителите не смеат да бидат маргинализирани или исклучувани поради нивното професионално постапување, особено кога водат предмети против носители на политичка моќ. Секој впечаток на реталијација или политичка селекција претставува удар врз владеењето на правото, истакнува Тасевски во анализа за „Локално“.

Мартин Тасевски/Фото: Фејсбук

Соговорникот потсетува дека против Ристоска подолг период се водеше агресивна медиумска кампања во комбинација и со социјалните мрежи. Кога ваков притисок се надоврзува со, додава Тасевски, политичко дистанцирање, се создава опасна порака дека обвинителите кои постапуваат против моќни интереси можат да бидат дисциплинирани преку јавен притисок.

-Ова отвора суштинско прашање: дали се движиме кон систем во кој обвинителите се оценуваат според професионалниот интегритет или според политичката подобност. Држава во која обвинителите се перципираат како „подобни“ и „неподобни“ ја губи суштината на правната држава.

Моето скромно мислење е дека ако сакаме вистински реформи, потребни се системски промени: посилни професионални тела во изборот на обвинители, не е нужно и Советот на јавни обвинители и Владата да каже свое мислење, но клучно и транспарентни критериуми, и нов модел што ќе ја минимизира политичката доминација врз клучните функции е крајно време.

Независното обвинителство е гаранција против корупција, злоупотреба на моќ и нееднаквост пред законот, нагласува магистерот по казнено право, додавајќи дека во ваква состојба кога кандидатката Ристоска е предложена од професионално тело, а се елиминира во атмосфера на политички притисок, функцијата државниот јавен обвинител ризикува да стане формален избор, наместо суштински столб на правната држава.

Од опозициската СДСМ реагираа дека се гледа сценарио за избор на државен обвинител според волјата на Мицкоски. Во реакцијата се наведува дека Мицкоски лично ја елиминирал Ристовска — независна кандидатка за државен јавен обвинител — и покрај тоа што таа добила максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители. Според СДСМ, независен обвинител не му одговара на премиерот бидејќи „не може да го контролира“.

Oд друга страна, според професорката и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска, со секоја изјава Мицкоски од позиција на премиер докажува дека Македонија нема фактички функционално Собрание, дека Собранието е само параван за делувањето на партијата која што е на власт и дека фактички ништо не се решава во Собранието. Соговорничката на „Локално“ укажува дека во моментов ниту еден претставник на големите политички партии кои се борат за власт нема намера да промени ништо во правосудниот систем.

Мирјана Најчевска – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Тера

-Секој од нив едноставно сака да го искористи правосудниот систем за заштита на криминалот кој секојдневно се прави од позиција на власт. Ова беше јасно уште во 2017 година кога по само две недели од постоење на телото формирано да направи коренита реформа на правосудниот систем ова тело беше расформирано и беше направено ново под директна капа на тогашниот премиер Заев. Македонија е во моментов школски пример за партокартија во која нема поделба на власта, туку има поделба на државата на сфери на влијание на различни моќници, посочува Најчевска.

На почетокот на месецов, Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Н.П.

Слични содржини