Дали САД ја поддржува земјава или политиките на Владата: „Вашинтон не нè прекорува, туку забележува работи кои ни требаат за правна и функционална држава“

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски беше во повеќедневна посета на САД, каде што оствари средби со повеќе високи амерински функционери, меѓу кои државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, заменикот советник за национална безбедност на САД, Џонатан Фајнер, советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле и специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот на САД, Џејмс Рубин. На средбите со сите соговорници, како што соопштија од Владата, биле разменети мислења за билатералните односи помеѓу Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот. Се зборувало и за нашите евроинтеграции и преговорите со ЕУ, но неизбежен дел била и борбата против корупцијата и владеењето на правото, како и состојбите во правосудството. Меѓу другото се наведува американските пријатели високо го ценат придонесот на земјава, во регионалниот контекст но пред се како цврст НАТО сојузник.

Домашните експерти сметаат дека искажаната поддршка и признанија се уште еден доказ дека САД се наш стратешки партнер, иако главното прашање кое се поставува е дали поддршката е генерално за земјава или за политиките на Владата. За поранешниот министер и аналитичар, Имер Селмани, од САД од осамостојувањето сме добивале голема политичка и економска поддршка, но и голема воена помош. Тој во разговор за „Локално“ вели дека работната посета на премиерот е само подигнување на уште повисоко ниво на нашите стратешки односи, поготово во насока на случувањата во Украина.

Имер Селмани

-Нашата позиција како полноправна членка на НАТО и остварените партнерски односи со САД уште еднаш потврдија колку сме биле во право што вака стратешки сме се определиле. Сега го гледаме исходот дека партнерскиот однос и подигнувањето на односите ни дава безбедност и предвидливост во идните случувања во смисла на зајакнување на безбедноста и економскиот развој, истакнува Селмани.

Според него, ско ги погледнеме сите извештаи на Стејт Департментот, последните години се става акцент на борбата против корупцијата и владеењето на правото.

-Тоа значи дека некои работи како самостојна држава сме ги детектирале и завршиле, но остануваат најтешките задачи после независноста и политичката стабилност. Мислам дека како никогаш досега САД се пријателски настроени, не само да ни укажат, туку преку нивното ангажирање во борбата против корупцијата и владеењето на правото, се заложуваат да воспоставиме правна и функционална држава. Не можат нашите пријатели да ја завршат владината задача. Никогаш и никаде во светот, ниту најдобрите пријатели не можат, ако дома тоа суштински не го спроведете. Добро е што пријателите она што ти го посакуваат, ти го кажуваат во лице. Не треба да се сфати дека тие не прекоруваат, туку едноставно забележуваат работи кои што на нашиот народ и општество им требаат и настојуваат тоа да го направиме – да бидеме функционална држава со ефективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената должност, ни рече Селмани.

Соговорникот е дециден дека никогаш политиките на ЕУ и САД за регионот и нашата земја не биле во спротивност.

-Од како памтиме, ако сме имале одредено подрачје на разговори со ЕУ, тие биле поддржани од САД. ЕУ и САД ги гледам како да се надополнуваат во нашиот пат да градиме добра и ефикасна држава за живеење. Сите овие средби се охрабрувачки затоа што имаме уште една важна задача, а тоа се уставните измени, така што тој процес ни дома не е толку лесец, дебатата е отворена. Пријателите се тука да ни помогнат на нас и Бугарија за полесно да го изодиме овој пат, со оглед дека противници на ваквите политики има и кај нашиот источен сосед, кажа Селмани.

Во однос на тоа дали овој состав на Влада може да си обезбеди уште еден мандат со поддршката од САД и ЕУ, доколку ги истурка „агендите“ на Западот, аналитичарот објаснува дека на секој граѓанин и гласач треба да му биде јасно дека се ова што го правиме и треба да го направиме, е со цел за да имаме уште поголема кохезија и постабилна држава.

-Нас никој нема да не присили за мораме да го направиме. Тоа треба да биде при чиста свест, здрав разум и добра волја. На крајот САД и ЕУ не доаѓаат тука за да гласаат за уставни измени, ниту пак на избори – нашите граѓани имаат дадено овластување на пратениците и функционерите и тие бираат Влада. Граѓаните ќе кажат на непосредно изјаснување кој ќе победи на наредните избори, оценува Селмани.

Васко Наумовски

САД имаат една стратешка ориентација да соработуваат со секоја македонска влада, вели за „Локално“ поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и поранешен македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски, особено по нашето членство во НАТО и особено по развојот на настаните поврзани со руската агресија врз Украина. Според него, за очекување е дека ќе продолжат со испраќање на пораки за поддршка на Македонија како сојузничка држава во рамките на НАТО и во еден специфичен регион каде што се испретелуваат влијанијата.

Наумовски потенцира дека реформите во правосудството се меѓу најприоритетните теми.

-Од таму имајќи ги во предвид сите досегашни вложувања на САД во обие области, нормално е да се очекува македонската власт да демонстрира капацитет за поотворена и жестока борба со корупцијата и осовременување на начинот на работата на правосудството, кои што се соодветни за држава која што е членка на НАТО и држава која сака да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Испорачувањето на конкретни резултати ќе зависи и од политичката волја на македонската влада, меѓутоа и од ресурсите кои што постојат во самиот правосуден систем и од самите судии и обвинители, кои што треба да демонстрираат и лична волја и капацитет за учество во тие процеси, појаснува соговорникот.

Категоричен е дека една од целите на американската надворешна политика е стабилизација на европскиот контитент и регионот на Балканот после случувањата во 90-тите години.

-Проширувањето на НАТО и ЕУ се дел од оваа поширока слика за реализација на приоритети на САД. Поддршката што ја добиваме продолжи и понатаму. Иако САД не се дел на ЕУ, сојузништвото меѓу трансатлантски партнери секогаш е во корист на понатамошно проширување кое има за цел да го стабилизира европскиот континент, рече Наумовски.

Истакнува дека мандатот на идната македонска влада ќе зависи најмногу колку гласови ќе добијат партиите на изборите.

-Агендата која што претставува исполнување на критериумите за членство во ЕУ би требало да биде агенда на македонската влада бидејќи тие реформи се прават заради обезбедување на подобро услови и стандарди за македонските граѓани. Во тој контекст, сметам дека поддршката партиите ќе ја добијат, ќе зависи од резултатите што ќе бидат демонстрирани од владините партнери и од алтернативите кои што ќе бидат понудени од опозициските партии, односно која од партиите ќе може во наредниот период, формирајќи влада, да ги исполни критериумите за членство, заклучува поранешниот амбасадор во САД.

Н.П.

Слични содржини