Европскиот сојуз за промени како коалиција од албански опозициски партии ги сплоти и пратениците во една пратеничка група. Лидерите на трите партии, БЕСА, Алтернатива и Демократско движење побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да не го пролонгира изборот на членот на ДИК кој ѝ следува на опозицијата, и како што велат, тоа го прави соучесник во непочитувањето на изборниот законик. Во новата пратеничка група има шест пратеници. На овој начин, вели лидерот на Алтернатива Африм Гаши, Европскиот сојуз за промена цели да ги искористи сите можности кои ги дава Деловникот на Собранието за пратеничките групи. Исто така беше упатен повик до сите коишто сакаат да им се приклучат. Според тројцата лидери на партиите, мнозинството од албанскиот народ во земјава, сака промена и оваа лавина на промена, како што истакнуваат од Сојузот, никој не може да ја спречи.
Може ли новата пратеничка група да ја условува поддршката за уставните измени?
Универзитетскиот професор Башким Селмани во разговор за „Локално“ вели дека во однос на целокупните интереси на граѓани и државата, промените на Уставот треба да бидат на време и место.
-Сега има простор за да манипулираат сите политички партии во свој интерес. Новата групација Европскиот сојуз за промени може да ги користи овие непријатни времиња за владеачките партии и дилемите околу промените. Овие моменти можат да се користат за поинаков начин, но не и на интерес на самата држава бидејќи нема простор или место за манипулации или одредени други интереси, истакнува професорот.
Според него, на албанската опозиција, ѝ е потребно да биде подобра и посилна, но во зависност од околностите.
-Ако има економска криза кај граѓаните и другите гласачи што мислеле дека ДУИ ќе ги реши проблемите и дека европскиот пат ќе биде на време и место, мислам дека оваа тема може да направи големи промени во интерес на опозицијата. Нивната платформа моментално не е јасна кај дел од граѓаните, но друг дел ги разликуваат промените. Не е јасно дали Европскиот сојуз има точно 6 пратеници, но тоа не е мал број и може да одлучува. Дел од граѓаните ги поддржуваат, но дел немаат јасна програма што можат да помогнат во економската криза. Тоа е основно отколку другите барања и причини. Сите сакаат економската состојба да им се подобри, истакнува соговорникот.
На прашањето дали може и Алијанса за Албанците или ДПА да им се приклучат на трите здружени партии, Селмани истакнува дека партијата на Арбен Таравари дава одредени знаци – и во нивната партија има дилеми дали да бидат опозиција.
-Сите ветувања што ги дала партијата не биле реализирани кон нивните гласачи. Доколку нема да се изгласаат уставните измени до декември, потоа се е можно. Доколку Владата не најде начин до тогаш, се отвораат сите опции, ама не во интерес на граѓаните, оценува професорот.
За политичкиот аналитичар Ќенан Алиу, формирањето на нова пратеничка група е добар потег. Во разговор за „Локално“ истакнува дека тоа е во рамките на Деловникот за работата на Собранието.
-Што се однесува до уставните промени оваа група сметам дека нема да настапи со уценување надвор од тоа како ќе се изјаснуваат со политички изјави, посочува Алиу.
Сепак доколку дојде до чинот на гласање, дециден е аналитичарот, Европскиот сојуз за промени ќе гласа, но е скептичен дека ќе се дојде до потребниот број на гласови за да се внесе бугарското малцинство во Уставот.
-Оваа здружена опозиција според мое мислење се уште нема етаблирано сериозна кауза, но и покрај тоа ДУИ сериозно ќе бидат загрозени на изборите. Што се однесува до приклучување на други партии и субјекти, можно е да појават интерес некои невладини асоцијации и здруженија, заклучува Алиу.
Ахмети со порака до Европскиот сојуз за промени: Да не сонуваат дека ќе ја победат ДУИ
ДУИ е силно движење, а од нејзиното основање се прават обиди да се уништи, но реков дека оваа организација не исчезнува. ДУИ ги има своите темели во крвта на идеалистите и мисионерите на нацијата, затоа не се грижете што велат дека ќе добиеме болви, затоа што ДУИ е правилно формирана и организирана со докажани професионалци, истакна синоќа лидерот на ДУИ Али Ахмети во Чаир, каде се одржа настан за промоција на проектите на Секретаријатите на чаискиот огранок.
Тој им порача на ппозициските албански партии да не сонуваат дека ќе можат да ги победат ДУИ. Ахмети од Чаир истакна дека од самото основање има обиди да згасне неговата, но никому не му успеало. Не пропушти да го спомне екс-премиерот Зоран Заев за кого рече дека научил само еден албански збор, а тоа е „ДУИ во опозиција“, но и тоа му било џабе. Смета дека нема потреба од повеќе партии на Албанците, но не им се плаши на здружената опозиција.
Н.П.