Дали сте подготвени да го поместите часовникот? За некои, тоа може да биде посебно стресно

од Stefanija Kuzmanovska

Поради преминот на „зимско сметање на времето“ оваа група на луѓе може да стане многу вознемирена или збунета.

Преминувањето на „зимско сметање на времето“ може да предизвика проблеми кај луѓето со деменција, објави Би-Би-Си.

Здружението за Алцхајмерова болест во Британија вели дека враќањето на часовниците наназад, што е пред нас викендов, може да делува дезориентирачки.

Како што зимските утра стануваат потемни, на луѓето со деменција може да им биде тешко да ги приспособат шемите на спиење. На нивниот деноноќен биолошки часовник, исто така, му треба повеќе време за да се прилагоди на новата ситуација.

Како што деновите стануваат пократки, некои луѓе со деменција може да доживеат „синдром на зајдисонце“, што е промена во однесувањето во доцните попладневни часови.

Во овој случај, дементираното лице може да стане многу вознемирено или збунето.

Деменцијата е синдром поврзан со континуирано опаѓање на функционирањето на мозокот. Алцхајмеровата болест е вид на деменција и една од нејзините најчесто дијагностицирани форми.

Симптомите на деменција вклучуваат проблеми со губење на меморијата и ментална острина и брзина.

На поединците им е тешко да зборуваат правилно, а болеста се карактеризира и со проблеми со расположението и расудувањето во одредени ситуации.

Добротворната организација потсетува дека негувателите на лицата со деменција можат да преземат чекори за да им помогнат да доживеат помалку нарушувања и промена на нивната секојдневна рутина:

-Следите рутина во текот на денот и пред спиење, која може да го регулира нарушениот телесен часовник. Ова се однесува на јадење и вежбање во исто време секој ден.

-Излегување надвор наутро затоа што придонесува за воспоставување на внатрешниот телесен часовник на дементираното лице и го прави поуморен и попоспан навечер.

-Избегнувајте работи кои можат да го нарушат сонот во текот на денот, како што се консумирање кофеин и дневни дремки.

Д-р Тим Бинланд од Здружението за Алцхајмерова болест вели дека за повеќето од нас, враќањето на часовниците е „безгрижно кревање раменици“ и само бара прилагодување на стрелките на часовникот дома.

Но, за луѓето со деменција, тоа може да „предизвика анксиозност, збунетост и раздразливост“, наведува тој.

Слични содржини