Данокот на добивка на половина копје

од Vladimir Zorba
222 прегледи

Даночните експерти не штедат зборови на критика во однос на најавената можност да се преполови данокот на добивка. Последиците од ваквиот чекор според дел од нив не само што би биле поразителни за вкупната економија туку би се испратило лош сигнал на странските инвеститори и би се испорачала грда слика за приликите во земјата.

„Тоа е исто како да истакнувате бело знаме пред европската и светска бизнис заедница. Штом „привлекувате“ со  намалување на  даноци, тоа  значи дека  имате „висока температура“,  имате сериозни мани  во општественото  уредување, дека имате многу  работи  за решавање, дека  привлечноста  на државата не  ја  постигнувате со уреденост,  туку  тоа  морате да  го  направите со  загуба  на  даночни  приходи,  кои  ви се толку неопходни  за натамошниот  раст  и  развој“, реагира даночниот експерт Славко Лазовски за „Локално“.

Дополнително поразителни според него би биле ефектите врз буџетот  бидејќи доколку се намали данокот, ќе се намалат даночните приходи во државната каса. Чепкањето во кралицата на даноците, значи испраќање погрешен сигнал кон даночните обврзници, дециден е Лазовски.

Славко Лазовски

Славко Лазовски

 

„Дури  и суштинските или  теоретските претпоставки  за опрвдувањето на намалувањето на даноците не се  остваруваат:

–  со  намалување  на даноците не  секогаш доаѓа до  зголемување  на  понудата на  добра и  услуги,  туку  напротив и најчесто  до намалување;

–  со  намалувањето  на  даноците  се  намалува  расположивиот  доход на  страната на  побарувачката и

-не  доаѓа до  зголемување  на  извозот, туку  до негово  подолгорочно  намалување,  затоа  што се  губи битката во  меѓународната конкуренција. Добар дел  од  заблудите  на теоретски  план  настануваат  заради  мислењето дека компаниите  плаќаат  даноци.  Не,  даночниот товат паѓа  врз сопствениците  на  компаниите“, објаснува тој. 

Доколку се опстои на намерата, Лазовски уверува дека ќе се движиме во погрешна насока бидејки ќе дојде до погрешното лоцирање на даночниот товар ,односно  уште повеќе ќе се зголеми и онака големиот базен-сивата економија.

„За намалување на даноците досега нѐ прекоруваше ЕУ, или барем премолчуваше, отсега тоа ќе го прави и ОЕЦД. ОЕЦД спроведува проекти (БЕПС и др.) против намалувањето на данокот на добивка, нарекувајќи го тоа: ,,базна ерозија“, се спротивставува на избегнувањето на даноците во слабите даночни јурисдикции, истакнувајќи дека ,,оданочувањето е во сржта на суверинитетот на државата“. Повикувајќи се дека го правиме истото што се први во најблиското опкружување не е за машала. Добрите даночни решенија не се таму, туку во земјите на ЕУ и на ОЕЦД“, завршува Лазовски.

Владата најави дека се прават анализи за 50 % намалување на данокот на добивка, односно досегашните 10 % данокот би изнесувал 5 % и ќе се однесува на мултинационални компании кои што планираат својата добивка да ја консолидираат во земјава.Уверувањето за неопходноста од ваквата мерка оди во насока на тоа дека со ваквиот приод , во буџетот ќе се слеат повеќе средства од досега.

К.В.С.

Слични содржини